„Пораката е едноставна. ЦИВИЛ – Центар за слобода, граѓанките и граѓаните порачуваат – крај на расипништвото!“, порача денеска Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, пред организацијата официјално да ги достави барањата за укинување на привилегиите на функционерите во Собранието на Република Северна Македонија.
„Едноставно, преголемите трошоци кои ние ги имаме за апанажи, за пензии, за доживотни пензии и други издатоци кои ги користат, според законите, кои токму во овој парламентарен дом се изгласани во текот на изминатите години и децении, сметаме дека треба да бидат сериозно ревидирани и укинати, или во најголем дел да бидат редуцирани до едно пристојно нормално човечко ниво. Вака изгледа како Македонија да е еден султанат, во кој газди се оние коишто се на власт. Во било која смисла на зборот. Дали се локални шерифи, или бивши претседатели, тие едноставно го цицаат доброто на овој народ, на овие граѓанки и граѓани кои едноставно, повеќе, не можат да го издржат тој товар“, изјави Дерала.
„Милиони евра чинат апанажите, пензиите и другите привилегии и придобивки што ги имаат поранешни, но и сегашни функционери. Едноставно тоа мора да престане веднаш!
Ние денеска ќе доставиме барање, кое во јавноста одекна многу силно, а се однесува на привилегиите и бенефициите како на актуелните, така и на поранешните функционери, како на оние што се избрани, така и на оние кои што се именувани. И ќе очекуваме реакција од парламентарците. Во овој дом се направени тие проблеми, во овој дом се изградени тие системи за црпење на ресурсите на граѓанките и граѓаните и во овој дом, очекуваме, или поточно, категорично бараме тие неправди да се исправат!
Можеби некој ќе помисли дека повод за ова наше обраќање пред Законодавниот дом е она што претпоставува пензија на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, да можеби тоа беше повод, но секако веќе одамна, многу одамна зборуваме за тоа дека привилегиите, бенефициите и расипништвото на власта на било кое ниво во државата мора да престане и дека не може повеќе да биде издржано. Тоа подразбира дека овој Законодавен дом треба да ги ревидира законските одредби кои ним им даваат огромни бенефиции и исто така, да укине голем дел од нив и се разбира тоа да го направи во најитна можна постапка.
Во една социјална држава каква што според Уставот е Република Северна Македонија, не смееме повеќе да дозволиме, ниту еден денар да оди залудно заради тоа што некој, тука, во овој Законодавен дом решил да даде големи бенефиции како на актуелни функционери, така и на оние кои веќе го завршиле мандатот“, порача тој.
М. Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска