„Иако уште во 2017 година јасно беше назначено дека е потребен мораториум за градба во крајбрежните и урбаните делови, сепак, на почетокот на 2018 година е издадено одобрение за градба на оваа локација непосредно до брегот на Охридското Езеро. Наместо запирање на урбанизацијата додека не се донесе План за управување со охридскиот регион, додека не се усогласат и урбанистичките планови, таа продолжува“, се вели во соопштението на иницијативата „Охрид СОС“ објавено на Фејсбук и илустрирано со фотографии.
Според Охрид СОС не постои волја од локалната самоуправа за конечно решавање на проблемот и почитување на препораките на УНЕСКО.
„Очигледно дека не постои волја во локалната самоуправа за поправање на лошите практики, почитување на препораките на реактивната мисија и Комитетот за светско наследство. Се продолжува по старо, селективно во јавноста се толкува препораката за мораториум. Неодамна гореше трската и во близина на овој објект. Дали некој подготвува терен за чисти плажи, непречен видик?
Извештајот кој до УНЕСКО го достави Влада на Република Северна Македонија, заедно со општините, Министерство за култура / Ministria e Kulturës, Министерство за животна средина и просторно планирање и неколку други институции ќе биде разгледан на следната годишна конференција на Комитетот за светско наследство во Баку, на крајот на следниот месец. Останува отворена опцијата охридскиот регион да биде ставен на листата светско наследство во опасност“, се вели во нивното соопштение.