Пишува: Сашо Орданоски
[dropcap font=”arial” fontsize=”45″]К[/dropcap]ако што сум информиран од добро упатени културно-политички извори, македонската дипломатија е впрегната во напорот да се предупреди намерата на УНЕСКО на заседанието на Комитетот за светското културно наследство, што во јули годинава треба да се одржи во Азербејџан, да го класификува Охрид како „загрозено светско културно наследство“. Нацртот на ваквата лоша препорака, што за Македонија ќе има далекусежни негативни последици, е веќе ставена на увид во седиштето на УНЕСКО во Париз, во завршните подготовки за јулското заседание во Баку.
Главната причина за ваквата намера на УНЕСКО е неспособноста на Владата со нов закон да го уреди градежното инвестициско дивеење и управувањето со развојот на брегот и на водите на Охридското Езеро, во што не спаѓа само градот Охрид, туку и другите населени места на крајбрежјето, особено Струга. Меѓу другото, со законот треба да се обезбеди јасен систем за планско одлучување и управување, низ соодветни стручни и јавни тела кои ќе се грижат за заштитата на културните и природните убавини на Охридското Езеро, во што спаѓа и заедничко управување со ресурсите на Езерото со властите од Албанија. Нашиот сосед, Албанија, пак, во Азербејџан очекува да биде приклучена на листата на културно наследство на УНЕСКО токму со своите охридски езерски брегови!
Како што дознавам, во последната година, предлогот на овој закон, изработен според барањата на УНЕСКО и во соработка со локалните граѓански организации, се нашол дури четири пати на седница на Владата за усвојување, но сите четири пати е блокиран под притисок на ДУИ, за да се заштитат градежните интереси на инвеститори блиски до оваа партија во Охрид и во Струга. Како во најубавите денови на идеите на Груевски за подигнување парапетче околу бреговите на Езерото…
Што е право, не треба да има сомневање дека и други локални градежни „величини“, со поддршка и од други партии, задоволно ги сукаат мустаќите мерејќи ги квадратурите на своите атрактивни крајбрежни градежни локации вцртани во урбанистичките планови што, сепак, ќе мора да се бришат.
Како главни кочничари и виновници во ова потфрлање без преседан се сметаат министерствата за Животна средина и она за Култура, кои покажале извонредна спорост и незаинтересираност за решавање на проблемите со УНЕСКО. Општина Струга, пак, не е ни дел од процесите за спроведувањето на барањата на кои инсистираат експертите од УНЕСКО, бидејќи смета дека нема ништо со културните наследства во светот, споредено со убавините на крајбрежните плажи, диска и шанкови.
Да е трагедијата поголема, многу од барањата на УНЕСКО веќе се испорачани, од откажувањето на развојот на ски-центар на Галичица и средувањето на сообраќајните решенија во стариот дел на Охрид, преку санацијата на колекторскиот крајбрежен систем, до пренасочувањето на најголемиот загадувач на Езерото, реката Сатеска, во старото корито на Црн Дрим.
Но, сега светската Организација за образование, наука и култура на ОН поставила ултиматум: или ќе го донесете законот по најитна постапка – или Охрид во јули ќе го ставиме на „црната листа“ на светски загрозените културни наследства, на која се наоѓаат градби и локации во Либија, Сирија, Ирак… Тоа ќе значи откажување на финансиски аранжмани и експертски поддршки за одржување на тоа наследство, а „морално-политичките“ штети по земјата (вклучително и процесот на интеграција во ЕУ, развојот на туризмот и тн.) можат само да се претпостават. Бидејќи токму со таа „листа на срамот“ УНЕСКО ја одржува својата репутација на заштитник на културното наследство низ светот. Следниот чекор е целосно бришење на Охрид од регистерот на УНЕСКО.
Потоа ни евентуалната посета на Папата на Охрид, во 2187 година, нема да може да ни помогне!
Значи, пари имaт, план имaт, љуѓе салам и ум имат снемано!
[divide]
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.