Драстично се зголеми бројот на лица заболени со морбили во Штип. Првите случаи се појавија во една штипска конфекција, што деновиве се затвори поради 15 заразени работнички.
По овие информации ЦИВИЛ Медиа дојде до повеќе сознанија во врска со конкретниот случај. Се работи за конфекцијата „Нирвана фешн“, која е во ист објект со уште најмалку две конфекции. Исто така, за време на паузадел од работниците го користеле и заедничкиот двор. Работничките од други конфекции во Штип, пак, користат ист превозник за да стигнат на работното место како и вработените во „Нирвана фешн“.
Според првичните информации, дезинфекција и имунизација на вработените се извршила само во „Нирвана фешн“. Конфекцијата вчера веќе работеше со полно работно време.
Но, остана отворено прашањето дали за заштита на јавното здравје е безбедно да не се преземат никакви мерки кон вработените во другите конфекции кои делат ист објект со заразените и дали не постои опасност по нивното здравје? Остана отворено и прашањето, според организираниот превоз на работниците, од кои други конфекции во Штип работниците патувале заедно со заразаените работници и дали спрема нив се преземени некакви мерки за заштита на нивното здравје, како и дали има потреба да се изврши дезинфекција на автобусот кој го вршел превозот.
ЦИВИЛ побара одговор од Јавна здравствена установа – Центар за јавно здравје, Штип. Од Центарот информираат дека тие ги преземаат сите мерки за да не дојде до ширење на епидемија на морбили и дека првиот чекор за спречување е задолжителна вакцинација.
„Направен е вакцинален статус испитување на вработените во таа конфекција. Вакцинирани се оние што имаат веќе примено една доза и оние што не биле до тогаш вакцинирани. Од 27 вработени, пет вработени не беа на работа во тој момент. Десет работници тогаш веќе беа заболени, таа бројка се зголеми, а сите останати се вакцинирани. Се работи за респираторна инфекција. Дезинфекцијата на објектот може само моментално, половина час подоцна од ширењето на болеста да спречи, инаку процесот на прекинување на респираторна инфекција, затоа што се шири аерогено, исклучиво, мерка е вакцинирање на невакцинираното население. Пожелно е да се направи дезинфекција, меѓутоа тоа нема да влијае многу на текот на епидемијата. Ние веќе сме во контакт со тие што биле во некаква релација со заболените, денеска-утре ќе ги разгледуваме случаите и ќе ги вакцинираме. Јас денеска сум во Скопје да набавам доволно вакцини да има за сите. Главната препорака е вакцинацијата“, изјави д-р Марија Димитрова, директорка на Центар за јавно здравје –Штип, која денеска е во Министерството за здравство со цел да побара преземање на понатамошни чекори во спречување на заразата.
Од ЦИВИЛ известуваат дека и понатаму ќе го следат случајот. ЦИВИЛ бара од институциите итно да ги преземат сите потребни мерки за зачувување на здравјето на граѓанките и граѓаните и да се постапува со внимателно, поради тоа што станува збор за ширење на епидемија меѓу возрасни луѓе од над 30 години, посебно затоа што претходно во Штип немаше случаи на заболени од морбили.
Симона М. Живкова
This post is also available in: English