„Македонското општество е поделено по разни основи, како и во секое друго општество, богати и сиромашни, леви и десни, религиозни поделби, на разни етнички групи и во таа смисла е прилично комплицирано општеството. Така е од секогаш. Според мене не е трагедија тоа што на општествената сцена се судираат објективно различни интереси, вклучително и на етничките групи и не се работи за зло. Зло е кога општеството не е доволно организирано, институализирано, цивилизирано да тој судир се одвива во рамките на институциите“, изјави Бранко Героски, новинар, во разговор со ЦИВИЛ Медиа.
Зборувајќи примарно за национализмот во нашата земја , Героски истакна дека изблиците на оваа појава, заедно со шовинизмот се должат токму на неможноста институционално да се надминат различностите. Затоа и доаѓа првично до тивка агресија, која подоцна ескалира во конфликтни ситуации.
„За жал, во нашата 30 годишна историја имавме, навистина кратка, но војна предизвикана од изблик на национализам, шовинизам и етничка нетрпеливост. Мислам дека ние уште долго време ќе се соочуваме со овие проблеми, односно национализмот во сите сфери од нашето општество… Понекогаш тоа извира природно, како нешто што треба да се очекува. Погледнете ги модерните европски општества. Повторно доаѓа до доминација на екстремните политички групации и од десниот и од левиот агол на политичкиот спектар. Кога Европа се соочува со овие проблеми, нормалн ое дека и ние ќе се соочиме со истите. Но, вистинското прашање е како ние ги менаџираме проблемите и како успеваме со нив да се справиме“, изјави Героски.
Според Героски постојат правила на игра кои ни помагаат да се справиме со национализмот, но во кризни ситуации повторно на површина излегуваат разликите и ние потклекнуваме. Иако имаме потенцијал и знаење да се справиме со овие проблеми, не секогаш знаеме како да ог искористиме.
Биљана Јорднаовска
Камера и фотгорафија: Дехран Муратов