пишува: Коста Стоименовски
(Повод: Двата написи на поранешниот генерален директор на ФЕНИ, г-дин. Цветко Стојанов објавени неодамна во весникот Нова Македонија)
Со внимание ги прочитав двата написи на почитуваниот поранешен генерален директор на ФЕНИ, г. Цветко Стојанов, кои неодамна беа објавени во весникот Нова Македонија. Многу добро и поучно е тоа што Авторот на двата написи се осврнува на „големата историја на ФЕНИ“, за која вели дека најчесто е контроверзна и апелира истата да не се повтори!
Од почетокот на 1968 до август 1970 година работев во Републичкиот завод за општествено планирање на Социјалистичка Република Македонија (СРМ). Токму во тоа време се одлучуваше за изградба на ФЕНИ. Со внимание ги следев настаните околу изградбата на овој мега проект. Во тоа време се ширеше приказната за елаборатите на два рударски институти од Србија (Белград и Бор), за економската (не)оправданост на изградбата на ФЕНИ. Се зборуваше дека едниот институт дошол до заклучок дека, поради малата содржина на феро-никел во рудата, ФЕНИ не може рентабилно да работи! Другиот институт, пак, дал спротивно мислење и така се „роди“ ФЕНИ!
Главниот протагонист за изградбата на ФЕНИ, кој во тоа време беше мошне моќен политичар, успеа да ја натури изградбата на овој мега проект. Се цитираа неговите изјави: „Кога ќе проработи ФЕНИ, Македонија не треба да извезува ништо друго!“ За изградбата на ФЕНИ беа потрошени 650 милиони американски долари, кои беа обезбедени од странски кредити! Во тоа време, тоа беше баснословна сума! За транспорт на рудата од рудникот Ржаново до Кавадарци беше поставена гумена лента долга околу 30 км! Дали оваа лента воопшто профункционира и колку долго? Согласно сознанијата, во последно време, руда за потребите на ФЕНИ, се увезувала од Индонезија, Албанија и Гватемала!? Се увезува руда, се увезува струја, се трупаат долгови, енормно се загадува околината, а сето тоа заради вработувањето на 700-800 луѓе и бизнис интересите на некои македонски профитери!?
Во времето кога се градеше ФЕНИ, се тврдеше дека комбинатот може да работи само доколку минималната цена на никелот биде 7.000 долари/тон. Меѓутоа, цените на никелот на берзите постојано варираа и се движеа од 5.000 па до 20.000 долари, така што комбинатот, но, и СРМ беа изложени на постојани неизвесности и се соочуваа со сериозни проблеми околу покривањето на честите загуби во работењето на ФЕНИ, снабдувањето на комбинатот со струја и со руда и слични проблеми!
По подолгото неработење, пролетта 1991 година медиумите објавија дека ФЕНИ ќе биде рестартиран. Тоа беше повод да напишам прилично опширен напис во кој категорично се спротивставив на одлуката за рестартирање на ФЕНИ и истиот го пратив до Нова Македонија. Написот беше објавен во среда, датумот не го помнам, и по телефон од Белград изразив негодување поради тоа што од написот беа изоставени најважните делови. Наредниот ден допатував во Скопје и појдов во редакцијата на Весникот. Додека разговаравме со уредникот на рубриката Писма, по телефон се јави шефот на кабинетот на премиерот Кљусев, г. Душко Стојанов, со кој се знаевме. Спомнатиот уредник му кажа дека сум кај него и ми го даде телефонот да се слушнам со него.
Г. Стојанов ми рече дека Премиерот сака да разговара со мене и веднаш ми закажа термин за оваа средба. Од Нова Македонија појдов на средба со Премиерот. Откако се поздравивме го прашав Премиерот кој донесе одлука за рестартирањето на ФЕНИ и зошто? На моите прашања премиерот Кљусев самоуверено рече дека „лично тој ја донел одлуката за да им покаже на Србите дека Македонците можат сами да одлучуваат!“ Ме замоли да му го доставам текстот на интегралниот напис што го пратив до Нова Македонија и да му доставам нови аргументи против рестартирањето на ФЕНИ. По неколку дена на г. Стојанов му предадов копија од мојот интегрален напис заедно со додатни аргументи против рестартирањето на ФЕНИ. Сепак, ФЕНИ беше рестартиран, а „резултатите“ од ваквата одлука се општопознати!
Во повеќе наврати пишував дека во времето на социјализмот, политиката, науката и образованието во СРМ ширеа фама дека Македонија е мошне богата со природни, минерални и енергетски ресурси и на основа на ваквите заблуди беше зацртана и спроведувана целосно погрешна развојна стратегија, која беше насочена на изградба на мега проекти! За жал, ваква фама се шири и сега со „рудникоманијата“ односно со форсирањето на отворањето на неколку рудници во југоисточна Македонија, регион кој е познат како најаграрен во државата! Форсирањето на отворање на овие рудници, без какви било издржани елаборати, во 21 век и по искуството со слични вакви мега проекти е голем дилетантизам на македонските политичари!
Од разговорот што го имав во 1984 година со поранешниот директор на Фабриката за автомобили (ТАМ) Марибор, г-динот Јанез Стерниша, кој во тоа време беше постојан претставник (амбасадор) на СФРЈ при Советот за заемна економска помош (СЕВ) во Москва, сознав за успешната „приказна“ за Словенија, која придонесе оваа сега самостојна држава од ООН да биде прогласена за најодржлива земја во светот! Соговорникот ќе го цитирам по сеќавање: „Ние, Словенците направивме голем гаф со мега проектот гасификација на јагленот од Велење. Залудно потрошивме многу пари и на состанок на надлежните државни органи, Стопанската комора, општествено-политичките организации и Академијата на науките, донесовме одлука повеќе во Словенија да не се градат мега проекти, а развојот да се насочи на изградба на фабрики во секое населено место, кои ќе произведуваат стоки за 22 мил. жители на Југославија и за извоз во странски земји. Населбите треба да се уредат со сите потребни инфраструктурни објекти (амбуланти, патишта, канализации, школи и слично) и на тој начин создадовме услови за успешен регионален развој и ја спречивме можноста за прекумерно населување на Љубљана, која сега има ист број жители колку што имаше по Втората светска војна.“ Тоа покажува дека Словенците секогаш имале државници на кои интересот на државата им е на прво место! Македонските политичари не мораа да измислуваат „топла вода“, туку едноставно требаше да следат што прават Словенците, да учат од нив и да го применат нивниот развоен модел!
Во средината на осумдесеттите години од минатиот век, за амбасадор на СФРЈ во Кина, беше именуван Словенецот Звоне Драган, кој во склопот на подготовките за вршење на оваа должност ја посети и Македонија. Во медиумите беше објавена информација дека амбасадорот Драган бил замолен од македонските власти да се обиде да најде партнер во Кина кој би ја купил опремата на ФЕНИ. Доколку успееше да го продаде ФЕНИ на Кинезите, Македонија дефинитивно ќе се ослободеше од проблемите и маките што, повеќе од половина век, ги има со овој апсурден мега проект! Меѓутоа, секој пат кога ФЕНИ западне во кризни ситуации, се наоѓаат политичари кои, водејќи сметка за своите лични и/ли бизнис интереси, настојуваат, по секоја цена, да го спасуваат овој мега проект!
Ја користам оваа пригода да упатам апел до македонските политичари и економисти еднаш за секогаш да разберат дека од берзанските стоки, со манипулации со нивните цени, „кајмакот“ го собираат меѓународните корпорации, а проблемите ги оставаат на земјите производители на берзанските стоки! Кој и зошто дозволи оној манипулатор од Казахстан или од Азарбејџан да натрупа долгови на ФЕНИ во висина од 65 милиони евра и да избега од Македонија? Во иднина, Македонија не би смеела да си дозволи такви апсурди како што е случајот со ФЕНИ! Впрочем, ваков апел упатува и поранешниот генерален директор на ФЕНИ!
Во поткрепа на овие апели ќе направам споредба на земјите од Африка и од Југоисточна Азија. Познато е дека Африка е континент што е најбогат со минерални ресурси, но, и тоа дека токму африканските земји се најнеразвиени, а нивните граѓани тонат во беда и сиромаштија! Од експлоатацијата на богатствата од Африка, само меѓународните корпорации остваруваат баснословни профити! Земјите од Југоисточна Азија, пак, се мошне сиромашни со минерални и енергетски ресурси, но, благодарејќи на нивните паметни економски стратегии и политики, исклучително квалитетното образование и посветената и напорна работа на работниците, овие земји бележат мошне динамичен развој, што придонесе да се здобијат со епитетот „азиски економски тигри“. Овие земји, заедно со Кина, сега се лидери на четвртата индустриска револуција, поточно на информатичката технологија!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.