Здружението за социјални иновации „АРНО“, ги додели наградите од македонскиот натпревар за зелени бизнис идеи. Жири комисијата ги избра идеите: „Challenger-Мобилна апликација која ги наградува сите еколошки одговорни корисници“, „Ракатрак- Природен едукациски центар за деца за животни вештини“, и „Производство на био- смарт ориз“ за македонски претставници на регионалниот натпревар на кој, во конкуренција со националните победници од Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Србија и Црна Гора ќе се натпреваруваат за поддршка од 10 000 долари. За националните победници АРНО и годинава обезбеди поддршка од партнерите: првопласираната македонска идеја-апликацијата Challenger е наградена од Фондот за иновации и технолошки развој со ваучер за патување на промотивен настан во странство. Дополнително, сите три победнички идеи добија вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“.
Годинава, вкупно 12 зелени идеи се натпреваруваа за пласман во македонското финале. Финалистите се претставија со идеи за зелени бизниси кои имаат економска логика, позитивно влијание врз природата и заедницата, и во себе носат елемент на иновација. Покрај победничките идеи, во конкуренција беа и идеите: Treebanks-платформа за онлајн купување на сместување преку која со секоја трансакција се поддржува садење на едно дрво, Едукативни еко играчки, Анаеробен модуларен дигестер, Паметна кутија за апчиња направена од рециклирани материјали, Органски кремови од лешник со еко восочна обвивка, Тури со електронски велосипеди, Скулптури од отпад, Ma Belle – Еко ресторан со редовен ангажман на бабички кои подготвуваат традиционална храна и Puzzle Green Events -маркетинг агенција за организирање на „зелени“ настани.
„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји. Здружението за социјални иновации „АРНО“, петта година по ред, го администрира националниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“ и се гордее на досегашните македонските регионални победнички идеи: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година) и едукација преку илузионистички еко-пораки „Еко илузија“ (2017 год).