Вардар повторно стана европски шампион. Два пати во три години! А ние сè уште не мрднавме од мртвата точка на бедотијата која секојдневно ја живееме.
Повторно, како и секогаш кога наместо да се радуваме на нечиј успех, кој патем го доживуваме како колективен, по не знам кој пат успеавме да ја ставиме на коцка радоста наспроти омразата, каде дефинитивно губиме сите! Повторно примитивизмот успеа да ја победи радоста. Вардар застана на врвот на Европа, ама ние останавме шупакот на светот!
Примитивизмот, скандирањата и желбите за нечија смрт, национал-шовинистичките пораки упатени славејќи ја победата на европскиот шампион кој во својот состав има играчи од речиси сите поранешни југословенски републики и дел од светот, се одвратни исто колку и нивното релативизирање. Па слушам дека така било во навивачкиот свет. И другите исто скандирале… Па некои веќе немале да повикуваат на смирување на тензиите кај „своите“ навивачи, затоа што овие другите не запирале со говорот на омразата и слични будалаштини на векот!
Крајно време е да се преземат соодветни мерки. Затоа што на крајот на денот, жртва на оваа омраза повторно ќе биде некое дете. Некое од оние деца, коишто наместо радост, вчера ја видоа вашата омраза и бес. Затоа што вие така ги научивте! Погледнете го само билтенот на МВР. Пет! Пет малолетници се приведени синоќа од страна на Алфите, затоа што вие не сте имале што да пеете?! Срам да ви е!
Се прашувам што ќе пеете во петок? Што ќе скандирате на градскиот стадион додека репрезентацијата на Македонија се бори со Полска за влез на европското првенство? Каква порака ќе и испратите на екипата која ќе ги брани боите на вашата земја, каде покрај Пандев, Ѓорѓев, Велковски, Николов, Несторовски, Зајков, Гачевски, Чурлинов, Митов, Димитриев, Ристовски, Ристевски, Трајковски, Тричковски, Бабунски и Спировски ќе играат и Ибраими, Алијоски, Хасани, Елмас и Барди?
Сакате чиста Македонија? Почнете од сопствените мозоци и бљувотините кои ги посеавте на синоќешната прослава! И буквално и фигуративно! И соберете си го ѓубрето од улиците!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.