Веќе една недела се одвиваат археолошки ископувања на просторот опфатен со концесијата за изградба на рудник за бакар Иловица – Штука. Револтирани жителите на Штука вчера го блокираа приодот кон локацијата при што им бил блокиран пристапот на археолозите на Заводот за заштита на споменици и Археолошкиот музеј од Струмица и на работниците ангажирани од страна на „Еуромакс Рисорсис“, кој е концесионер на рудникот, јавува МЕТА.
„Продолжуваме и утре и ќе бидеме таму колку и да е потребно, се додека не се прогласи мораториум на отпочнатите активности и се дури не се одземе истечената концесија на инвеститорот“, изјавила Милена Зафирова, активистка на „Младите на Штука и Иловица против рудникот“.
Активистите ќе се обратат и до Владата и до Министерството за култура за да добијат одговор како се издадени дозволите за археолошки ископувања на струмичкиот Музеј, комплетно финансирани од страна на концесионерот „Еуромакс Рисорсис“, чијашто концесија веќе е истечена и кој нема добиено од Владата дозвола за експлоатација на рудата. Тие најавуваат дека ќе бараат случајот да го истражи и Антикорупциската комисија.
„Еуромакс Рисорсис“ претходно најави дека ќе ги финансира активностите на Археолошкиот музеј од Струмица на теренот кој е опфатен со концесијата на рудникот со 100 илјади евра, а најави дека ќе финансира и други активности на Музејот.
Локалното население не беше информирано ниту од страна на концесионерот, ниту пак од локалните или од централната власт за намерите на ридовите над нивните села да се вршат археолошки истражувања, па тоа создаде стравувања дека „Еуромакс Рисорсис“ сепак почнува да го гради рудникот.
Стравувањата кај локалното население дека не се работи за археологија туку дека им се подготвува отворање на рудникот зад грб ги подгреало и тоа што денес на терен била донесена и тешка механизација – багер.
Тие побарале одговор од Владата што ќе преземе за разрешување на проблемот со рудникот Иловица-Штука кој веќе подолго време ги зоврива тензиите меѓу жителите во струмичкиот крај, но тој не пристигнаа до објавувањето на текстот.
Од компанијата тврдат и дека се сретнале со „претставници на заедницата и дека ја објасниле програмата за работа, како и дека Музејот ги спроведува работите со дозвола од надлежните институции.