Во текот на посетата на општините во Полошкиот регион, во рамките на проектот „Зелена иднина“, со поддршка од Фондацијата Хајнрих Бел ( Сараево), тимот на ЦИВИЛ оствари интервју со граѓанскиот активист и член на здружението за екологија, „Еко Герила“, Арианит Џафери. Со Џафери разговаравме за состојбите на животната средина во Општина Тетово, заложбите на Општината во тој аспект, како и за одговорноста на локалната самоуправа и граѓаните, за оддржувањето на зелените површини и здравата животна средина во нивниот град.
ЦИВИЛ Медиа: Минатата недела вашето здружение, Еко Герила, достави барање до Премиерот на РСМ за одземање на ингеренциите на градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи. Иако го прочитавме соопштението, би сакале да ни ги објасните причините за ова барање?
Џафери: Нашето барање до премиерот Заев, е, да и се одземат ингеренциите на Општина Тетово за еден дел од активностите што доаѓаат од Законот за локална самопуправа и коишто ингеренции Општина Тетово не ги користи, или не стигнува да го испорача тоа што го очекуваме од нив. Се работи за одржувањето на јавната хигиена, што е едно од општинските обврски според законот, потоа сообраќајниот хаос со кој се соочуваме секојдневно, којшто можете да го видите и вие, отсуството на паркинзи и катни гаражи коишто беа ветени во текот на двете предизборни кампањи, и во првиот и во вториот мандат на Теута Арифи. Исто така, узурпацијата на зелените површини од страна на градежните компании коишто градат многукатни објекти и зафаќаат многу зелени површини што потоа ги претвораат во паркинзи за нивни потреби, без корисна инвестиција, и изградба на гаражи внатре во објектите. Ова се некои од прашањата по кои сметаме дека Владата мора да реагира соодветно и да и ги одземе ингеренциите на општина Тетово, бидејќи не ги користи. Вакви практики не се непознати, ги видовме на пример кога Министерството за образование и наука ги одзеде ингеренциите на Општина Гостивар за номинации на директори на средните училишта, што значи дека ова може да се направи, напротив, може. Едноставно, потребна е политичка волја од Скопје, од Владата и потребно е Владата да покаже малку повеќе внимание за граѓаните на Тетово, од коишто граѓани премиерот на РСМ, господинот Заев, бараше гласови за Теута Арифи. Затоа ние сметае дека самиот г. Заев треба да понесе морална и политичка одговорност за неуспесите на Теута Арифи.
ЦИВИЛ Медиа: Дали вашата организација имала или има директна комуникација со градоначалничката, г-ѓа Теута Арифи?
Џафери: Да. Во текот на кампањата за нејзиниот втор мандат, потпишавме и меморандум, со којшто актуелната градоначалничка Теута Арифи се заложи дека ќе се ангажира за некои прашања, како што е финансиската транспарентност, којашто патем не постои уште од првиот ден на нејзината администрација. До ден денес ние немаме пристап до финансиските извештаи, не знаеме каде се трошат нашите пари. За ова сме потпишале, исто така сме потпишале дека редовно ќе се одржуваат и ќе се чистат улиците во Тетово, и освен централниот дел, којшто се чисти на механички начин од страна на работниците на комуналното претпријатие, со метли во рацете чистат и дење и ноќе, не сме виделе дека чистат со свипери што се користат во другите градови и коишто се многу поефикасни од метлите. Исто така, побаравме од градоначалничката да ги заштити зелените површини, и други барања коишто се оставени на страна, заборавени од оваа администрација. Овие комуникации, иако изгледаат корисни, често не вредат ништо, бидејќи најчесто им служат на градоначалниците само за да покажат дека комуницираат со граѓанскиот сектор. Од друга страна, само што ќе го свртат грбот, продолжуваат да го прават она што секогаш го правеле, да ги игнорираат граѓаните, да не им одговараат на барањата на граѓаните и да не ги исполнуваат своите должности што се според законот.
ЦИВИЛ Медиа: Според вас, дали граѓаните се одговорни во аспектот на негување на животната средина?
Џафери: Во поголем број од случаите, не. Бидејќи и самите граѓани фрлаат смет каде што ќе стигнат, во неможност да го фрлат каде што треба, затоа што бројот на контејнери во споредба со бројот на жители во една населба, не е доволен. Често гледаме граѓани што фрлаат делови од домашниот мебел кај контејнерите за домаќински смет, што е недозволиво. Од друга страна, многу граѓани се жалат дека не знаат каде да ги фрлат или дека нема каде да ги остават, но, постои една можност – комуналното претпријатие да додје на повик, и да го собере кабастиот смет. Мислам дека и тука има отсуство на квалитетна комуникација помеѓу комуналното претпријатие и граѓаните, бидејќи постои телефонски број на кој можат да се јават, да побараат од комуналното претпријатие да донесат камион за собирање на кабастиот смет (мебелот). Од друга страна пак, има граѓани што ги фрлаат празните кутии од цигари од прозорецот на автомобилот, што е многу недолично однесување и заслужува секаква критика. Но, ова често се случува и пред очите на службениците на редот и мирот, коишто не се ни трудат да им напишат казна. Верувам дека често, совеста и свесноста на граѓаните се поврзани со нивниот личен интерес, значи, со нивниот џеб. Можеби, доколку соодветните органи ќ започнат со санкционирање, тентенциите за повторување ќе се прореди. Бидејќи секој саљка да заштеди, а не да и плаќа на државата. Затоа, мислам дека казните се еден од начините што треба да се аплицираат, нешто што во Тетово не се случува.
Диана Тахири
Камера и монтажа: Ариан Мехмети