Дали нашата земја ја очекува црна или зелена иднина? Кои се перспективите, особено на жителите што живеат во предели што се извор на зеленило и природни ресурси. На ова прашање ни одговори жител од Јегуновце, при посетата на тимот на ЦИВИЛ во оваа општина минатата недела како дел од активностите на проектот „Зелена иднина“.
„Јас мислам дека нема перспектива во земјата, особено не во Општина Јегуновце. Фабриките се затвораат, младите луѓе бегаат, Југохром вети и претходната и оваа власт дека ќе го отвори, ама ништо од тоа“, вели граѓанинот.
Но, Југохром е загадувач…. велиме ние, на што добиваме одговор дека ветиле од власта промена на филтри, исполнување на стандарди… ама ништо од тоа.
„Убаво и зелено е Јегуновце, ама нема живот. Како што гледате сега така е од времето на Тито. Што се изградило тогаш тоа, потоа и едните и другите и тоа што вредеше го растурија. Убави се нивните згради ама и едните и другите гледаат само за себе (се мисли на двете партиски згради на СДСМ и ВМРО, една спроти друга, во центарот на Јегуновце)“, вели граѓанинот.
Тој смета дека Владата треба да дојде во Јегуновце и да види како се живее. Според него, не мора Југохром да се отвора и да загадува, но може да отвори индустриска зона, да инвестира во поинакви бизниси и фабрики, што не се загадувачи и да запослува.
„Главен проблем е економијата. Не можеме да тргнеме напред и само на зелено да размислуваме, кога цените ни се високи и само се растат, а платите ни се исти. Ние овде немаме меѓуетнички проблеми. Ако постои такво мислење тоа е поради влијанието на медиумите. Ако ни е добар стандардот никого не го интересира која националност, која вера, дали е бел или црн и сл. “, вели тој.
Свеста треба да ни биде на повисоко ниво, да размислуваме проевропски, смета граѓанинот.
Разговараше: Џабир Дерала
Камера: Ариан Мехмети
This post is also available in: English