Ќумбињата во 17 општини во Скопската котлина во една грејна сезона загадуваат колку речиси 17 милиони стари дизел автомобили кои во истиот период секојдневно би минувале по 20 километри на ден, покажуваат податоците од истражувањето „Скопје се загева“ што од јануари до септември 2017 година го спровела Програмата на Обединетите нации за развој-УНДП во соработка со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање. Тоа е прво сеопфатно истражување за начините на греење во Скопската котлина, спроведено на репрезентативен примерок од 5.044 домаќинства, од кои околу една третина жители на руралните населени места во околината на главниот град.
Според истражувањето, се проценува дека во Скопската котлина има 133.633 домаќинства, од кои 73.220 (речиси 45 отсто) се греат на дрво, околу 51.000 (31 отсто) на струја, а околу 35.000 или 21 отсто се приклучени на централно греење. Само околу 2.500 домаќинства, или 1,5 отсто во моментот се загревале со печки на пелети.
Главните наоди на истражувањето се дека „Греењето е најголемиот загадувач на воздухот во Скопската котлина, и тоа загревањето на домаќинствата во најголем дел“ и дека „Студиите изработени во минативе две години покажуваат дека дури 90% од вкупните емисии на ПM честичките доаѓаат од загревањето (огревно дрво) на домаќинствата“.
Наодите и препораките од истражувањето, во кое се земени предвид сите државни анализи и планови, се опишани во пет документи. Третиот документ е Патоказ за намалување на локалното загадување на воздухот во Скопската котлина предизвикано од греењето на домаќинствата 2017-2025 година, и содржи примери колку едно семејство загадува, споредено со еден автомобил.
„Според податоците од анкетата едно семејство во Скопската котлина во текот на една грејна сезона троши 8,38 m3 огревно дрво. Огревното дрво кое што тие го користат е со влажност од 20% (прифатлива влажност). Според ова, семејството во атмосферата емитира околу 41 kg PM2,5 односно 42,5 kg PM10 во текот на грејната сезона.“
За да се види колку домаќинствата загадуваат направена е споредба со емисиите од едно возило.
„Еден од членовите на ова семејство кое живее во Ѓорче Петров, оди на работа во Аеродром и дневно во двата правци поминува 20 km. Семејството има прилично стар дизел автомобил од 2000 година со ЕУРО 3 стандард кој емитира 0,05 g/km PM (автомобилите на бензин немаат PM емисии). Во текот на грејната сезона ова семејство со својот автомобил поминува 3600 km, и според тоа емитува само 0,18 kg PM во текот на целата грејна сезона.“
„Според ова може да се констатира дека едно семејство кое користи огревно дрво во атмосферата испушта онолку PM колку што ќе испуштат 230 автомобили кои се возат секој ден и дневно поминуваат по 20 km.“, се заклучува во споредбата.
Со овој сооднос, сите 73.220 домаќинства кои се греат на дрва во Скопската котлина загадуваат колку 16.840.600 дизел автомобили со страндард ЕУРО 3 или помал, кои во цела грејна сезона би минувале по 20 километри дневно.
„Доколку ова семејство реши да се префрли на печка на пелети за загревање на истата површина ќе емитува околу 1,6 kg PM10, што е иста количина со 10 автомобили кои дневно поминуваат по 20 km. Доколку семејството реши да го промени возилото со ново со ЕУРО 5 или ЕУРО 6 стандард (0,005 g/km) тогаш тие во текот на грејната сезона ќе емитираат 0,018 kg PM.“, се заклучува во студијата.
Игор К. Илиевски
Еколошки возила само скопјани би ги чинеле 686 милиони евра
This post is also available in: English