Во Баку – Азербејџан денеска ќе се одржи 43 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на која ќе се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот Регион.
На сесијата ќе учествуваат и делегацијата на РСМ со министерот без ресор Едмонд Адеми, заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски. За време на сесијата на Комитетот ќе има средби со високи претставници на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, со делегациите на земјите членки, меѓу кои Кина, Бразил, Босна и Херцеговина, како и со претседавачот на Комитетот, Абулфас Гарајев, министер за култура на Азербејџан.
Делегацијата ќе има средби и со колегите од Република Албанија, во насока на заедничко делување и управување со Охридското Езеро и неговотo опкружување.
„За време на 43-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Владата ќе го нагласи и афирмира ставот дека e комплетно посветенa на зачувување на статусот на светско културно наследство на Охридскиот Регион, кој не ѝ припаѓа само на Северна Македонија, туку на целиот свет“, соопштија од Владата.