Здружението за екологија, планинарење и туризам „Натура Лаб“ од Лабуништа вчера организираа протест на кој побараа од Владата и надлежните органи одземање или раскинување на концесиите на 8 каменоломи под Јабланица во најкраток можен рок, со цел да се заштити населението од загадување, ќе се спречи уништување на природните убавини и намалување на малигдни заболувања.
Со пораките „Сакаме здравје, не пари“, „Не ја копај нашата иднина“, „Прашината од каменоломите убива“, жителите на струшките села Лабуништа, Подгорци и Октиси упатија барање и до градоначалникот на Струга јавно да се произнесе по кои критериуми е дадена Б интегрирана дозвола за работа и отворање на каменоломи во овој предел.
Протестот се одржа и поради отпочнување со работа на нов рудник за минерални сурови во зелениот појас на Јабланица покрај пасиштата и изворите. Градежните работи ги врши АД „Илинден“ од кои се побара веднаш да прекинат со работа и да ги повлечат машините.
Жителите најавија дека следуваат масовни и порадикални протести доколку нема никаква реакција и одговор на нивните барања.
Б. Ј.