Со новинарот и активист за човекови права, Петрит Сарачини зборувавме за национализмот, говорот на омраза и за тоа кој и како може да се ангажира во борбата против национализмот.
„Создавањето на непријателите е клучната мобилизаторска точка којашто ја употребувал и ја употребува национализмот. Затскриената цел зад мобилизацијата на граѓаните е да се минимизира потфрлањето или неуспехот на владејачките елити. Тие елити наоѓаат причини или оправдувања за своето потфрлање кај другиот, кај непријателот или кај поинаквиот“, вели Сарачини.
„Национализмот не е рационализам, туку е ирационализам по своето дејствување. Тој не се врзува за вистина или за информации, туку се врзува за емоции. Ако некој сака да се бори против ова зло, треба токму овие емотивни причини коишто влијаат на ширење на национализмот, да ги детектира и таму да го насочи дејствувањето. Ако ги елиминирате причините на национализмот ќе го елиминирате и самиот национализам“, смета тој.
„Национализмот завршува со омразата. Омразата не е бенигна. Таа бара дејствие. Дејствие коешто ќе се насочи кон поинаквиот, кон непријателот. Тоа дејствие ќе произведе конфликт, ќе произведе судир, ќе произведе жртви. Тоа се последиците и тоа мора да им биде јасно на луѓето, национализмот не е нешто коешто носи победа некому, туку често пати носи страдања и порази“, вели Сарачини.
текст и монтажа: Маја Ивановска
камера: Дехран Муратов