Веќе два дена Штип во раните вечерни часови почнува да се покрива со чад, за неколку часа подоцна, особено стариот дел кај Ново Село и центарот сосема да станат обвиткани во сивило, јавува МЕТА.
Единствената информација што ја добија штипјани од каде доаѓа чадот беше по барање на новинарите од Територијалната противпожарна единица во Штип, од каде соопштија дека нема пожар, ниту гори градската депонијата.
Денеска конечно се потврдија претпоставките дека чадот доаѓа од полигонот Криволак, каде веќе неколку дена се изведува мултинационалната вежба „Одлучен удар“. Од АРМ потврдија дека се работи за пожар на трева и нискостеблеста шума, во чие гаснење интервенирале и авионите, информира МЕТА.
„Од артилериското гаѓање на воената вежба во Криволак, вчера имаше седум помали пожари, од кои четири се сосема изгаснати, додека три се локализирани. Од тие има еден кој е на површина од 500 метри“, изјави Тони Јаневски, портпарол на АРМ.
Професорот Дејан Мираковски, кој ги раководи мерењата, потврди дека се работи за чад со концентрација на ПМ10 честичките, кои ги има во прашината.
Воената вежба ќе трае уште шест дена, меѓутоа, од АРМ најавуваат дека активностите со боевото гаѓање завршуваат до петок.