пишува: МИЛАН БАНОВ
Своевремено, онака понесен од „божевата хубавина“ што така штедро се распослала низ Охрид и Охридско, го парафразирав Питер Брук (тој тоа го тврди за уметноста), па напишав текст насловен со „Охрид ќе го спаси светот“. Денес, години потоа, соочен со хистеричната атака врз Езерото и градот, егзалтацијата ми фатила некоја крајпатица и заминала неврат, оставајќи само уште малку простор за надежта – ќе го спаси ли светот Охрид?
Надежта, се разбира, е ирационална како сознание, но е рационална како потреба, па така таа решението, или подобро, спасот го бара некаде однадвор, во светскиот поглед и детекција на вредното и грижата тоа да се зачува. Зашто, да не се лажеме, тука кај нас грижата и оценките за вредноста се персонализирани и досегаат, да речеме, до една профитабилна пицерија до столетниот чинар, до елитен ноќен клуб на три метри до езерото, до низа дивоградби на атрактивни локации, до директното катарзично олеснување и ослободување од пургативните елементи(сè в езере), до реновирање на сопствената бања во Даљан или Воска (старата када „в езере“), до… нема спас од нас самите.
И кога е тоа така, светот преку УНЕСКО уште пред две години реши да се замеша во „македонцките работи“ и испорача барање да се преземат конкретни мерки кои би го спасиле Охридскиот регион од Листата на загрозено светско наследство. Но, како што е познато, ова е земја која не трпи туѓи влијанија, држава (ако така може да се нарече) каде од изобилството апсурден материјал Бекет и Кафка би имале безброј инспирации за своите книжевни дела, па оттука, станува сосема логично што препораката на специјализираната агенција на Обединетите Нации едноставно беше забошотена, а уништувањето на регионот доживеа вистинска двогодишна ренесанса.
И сега, јасно ми е дека кај нас кршењето на законите, неодговорноста, силеџиството, мафијаштвото, криминалот, ставањето на личнот интерес пред општествениот, станале некако нормални за многумина. Јасно ми е, исто така, дека позициите на моќ и власт, огледана во синтагмата „локални шерифи“, или барем нивни заменици/советници, го овозможуваат, дури, можеби, и стимулираат сето ова, но останува непознаница зошто централната власт, нејзиното Министерство за животна средина и просторно планирање и, особено, доскорешниот ресорен министер Садула Дураку (кој, инаку, има големо искуство кога се во прашање водните ресурси) не покажале интерес за средување на катастрофалните состојби во охридско?
Одговорот, на пример, би можел да даде доста интересни детали за кооперативноста на Министерството и локалната власт, изразена преку пица мајсторот, советник и неимар на дивоградбата „Луна“, извесен Нефи Усеини; би можел да донесе сознанија за неспособност, незаинтересираност за проблемите, за негрижа и банализирање на злосторот; би можел, конечно, да укаже на отсуството на ментална екологија, која никогаш не се населила во главите на некои луѓе, што објективно ги спречува да препознаат, како што велат од Цивил, дека заштитата на Охридското Езеро, е и заштита на човековите права и слободи, зашто секој има право да живее во здрава животна средина.
Но, како и да е, одговорот на овие прашања, барем засега, и не е најбитен. Во овој миг битно е да ги спасиме Охрид, Струга и Езерото, задолжително да послушаме и некој отстрана кој согледувајќи го грдото, се загрижил и препорачал час поскоро да го отстраниме, да не останеме глуви на добронамерниот совет на УНЕСКО оти ќе крене раце од нас и од нашата погубна свест постојано да го уништуваме вредното – ќе нè стави на Листата на загрозените.
П.С. Премиерот Зоран Заев најави дека државата ќе ги преземе ингеренциите во градежништвото во Струга и Охрид со цел да бидат исполнети препораките на УНЕСКО и така во последен момент да побегнеме од нејзиниот непријатен список. Ајде да веруваме дека тоа ќе се случи, зашто, нели споменав, надежта е потреба.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања