пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Не знам за вас, ама јас се срамам од генерациите кои ќе дојдат да живеат на овие простори после мене.
Жив срам ме јаде кога ќе помислам каква земја сум затекнала при моето раѓање, а каква им оставам во аманет на тие што ќе живеат на овој простор после мене.
При секое патување низ државата, сѐ повеќе се срамам. За ѓубрето и за езерата и за реките и за…
Најновиот срам ми е заради планините.
Оние прекрасни, покриени со шума или со планинско цвеќе, преубави комбинации на камен и зеленило, живеалишта на најразлични видови животинчиња, создавани со стотици илјади години, полни со приказни и волшепства.
Тие планини кои постепено исчезнуваат заедно со шумата и планинското цвеќе, преубавите комбинации на камен и зеленило, со живеалиштата на животинчињата, со приказните и волшепствата.
Според членот 8 од Законот за животната средина во постапувањето со околината треба да се воспостави начело на одржлив развој – „Заради задоволување на потребите за здрава животна средина, како и социјалните и економските потреби на сегашните генерации, без притоа да се загрозат правата на идните генерации да ги задоволат сопствените потреби, при преземањето на секоја активност или вршење на која било дејност задолжително треба да се води сметка за рационалното и одржливото користење на природните богатства.“
Член 14
Начело на превенција – “Мерките и активностите за заштита на животната средина се преземаат пред да дојде до штетни последици.“
Во Законот за минерални суровини пак, во членот 36 пишува – “Концесија за експлоатација на минерални суровини доделува Владата на Република Македонија.“
Наспроти многу добрата и јасна регулатива Владата (оваа и сите претходни по ред) ја уништува иднината на генерациите кои доаѓаат.
Токму Владата (оваа како и сите претходни по ред) стои зад каменоломот во Велес, и зад каменоломите во Лабуништа, и каменоломите во гостиварско, и зад безмилосното искористување на песокот од реките, и зад сите ископини и места за експлоатација на минерали од оние 367 доделени или продолжени во јули 2019 година.
Токму Владата (оваа и сите претходни по ред) без ум и разум, без срам и перде, најсурово и неповратно го уништуваат нашето наследство од претходните генерации и ја уништуваат иднината на генерациите кои доаѓаат.
Секој од овие ископи (од прв до последен) прекршува повеќе одредби од Законот за заштита на природата и секој од овие ископи (од прв до последен) е направен на начин кој го загрозува здравјето на луѓето, а што е санкционирано со Законот за јавно здравје, и секој од овие концесионери се измотава со нас, вметнувајќи ја во своите елаборати одребата за „…рекултивација на просторот по завршувањето на експлоатацијата на минералните суровини“.
Јас навистина би сакала да видам како тоа се штити шумата и еколошките системи и заштитените животински видови од страна на сите овие концесионери. И би сакала да видам што се прави за заштита на населението од бучава и од прашина и од издувни гасови. И ве молам да ми покажете барем еден простор каде што се искористувале минерални суровини кој потоа е, како беше она „рекултивиран“.
Лично мислам дека треба да почнеме да поднесуваме кривични пријави против високите функционери во власта (сегашни и минати) согласно членот 218, членот 225-а, членот 226, членот 230, членот 232-а и секако членот 234 од Кривичниот законик, сѐ додека не научат дека не смее да се уништува нашата сегашност и иднината на генерациите кои доаѓаат.
А, можеби во еден глас да побараме да се врати уставната одредба од 1946 година која гласи вака: „Член 84: Членовите на Владата на ФНРЈ се кривично одговорни за повредите на Уставот и на законите при вршењето на службената должност. Тие одговараат за штетата што ке ѝ ја направат на државата со незаконска работа.“
Веќе доцниме. Многу.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.