Загадувањето на воздухот во Скопје и околината ќе се намали за повеќе од половина ако секое четврто домаќинство кое се грее на дрва го смени начинот на загревање, а секое десетто домаќинство стави современа топлотна изолација на својот дом, покажува анализата „Скопје се загрева“, изработена во соработка со Програмата на Обединетите нации за развој-УНДП, и објавена уште во декември 2017 година. Според тоа истражување, 90 отсто од загадувањето со ПМ честички доаѓа од домаќинствата, 45 отсто од домаќинствата во Скопската котлина се греат на дрва, за што во грејна сезона трошат 317.000 тони дрва, а 92 отсто од домовите немаат соодветна топлотна изолација. Половина од домаќинствата, се нагласува во истражувањето, немаат никаква топлотна изолација.
Во првото сеопфатно истражување за начините на греење во Скопската котлина, спроведено на репрезентативен примерок од 5.044 домаќинства, од кои околу една третина жители на руралните населени места во околината на Скопје, се проценува дека во Скопската котлина има 133.633 домаќинства, од кои 73.220 (речиси 45 отсто) се греат на дрво, околу 51.000 (31 отсто) на струја, а околу 35.000 или 21 отсто се приклучени на централно греење. Само околу 2.500 домаќинства, или 1,5 отсто во моментот се загревале со печки на пелети.
Студијата се состои од пет документи, во кои се анализира состојбата и се даваат предлози како да се подобри. Детално, сите мерки и активности се презентирани во документот: Патоказ за намалување на локалното загадување на воздухот предизвикано од греењето на домаќинствата 2017-2025:
„Си поставуваме амбициозна цел: Значително намалување на емисиите на загадувачки супстанци од загревањето на домаќинствата во Скопската котлина како најголем локален загадувач на воздухот, или намалување на емисиите на:
- PM10 и PM2,5 за 62%;
- CO и SOx за 50% и 54%, соодветно;
- NOx за 22%“
За да се постигне оваа цел, во студијата се предлагаат мерки, или сценарио „Скопје дише“, кои до 2025 треба да опфатат четири петини од градските и 42 отсто од руралните домаќинства:
„Промена на постојните печки на огревно дрво, јаглен и нафта со поефикасни печки на огревно дрво, печки на пелети, топлотни пумпи (вклучувајќи инвертер клима уреди) или централен систем за греење на природен гас. Примена на мерки за енергетска ефикасност на домовите. Зголемување на бројот на корисници на системите на централно греење“
За да се намали локалното загадување од загревањето на домаќинствата, според студијата потребно е половина од домаќинствата во урбана средина и една четвртина во рурални средини до 2020 година да бидат опфатени со некоја од мерките или 81,3 отсто и 42 отсто до 2025 година за урбана и рурална средина соодветно.
Околу 20.000 домови, или 12 отсто од домаќинствата, треба да добијат топлотна изолација по највисоки стандарди, а околу 27.000 домаќинства треба да добијат поефикасни печки на дрво. ОКолу 9.000 домаќинства треба да почнат да се греат на печки на пелети, 22.000 со топлотни пумпи, 3.150 со печки на гас, а 10.000 домаќинства да се приклучат на системот за централно греење.
„Доколку се реализираат целите од сценариото „Скопје дише“ вкупниот број на домаќинства кои ќе користат огревно дрво ќе се намали за околу 18.000, односно, вкупниот број домаќинства кои ќе користат огревно дрво во 2025 година ќе изнесува 35,4% од вкупниот број домаќинства“, проценува студијата.
Вкупната цена на целото „сценарио“ веќе беше објавена и изнесува 378 милиони евра. Но, далеку најголемиот дел од проценетите трошоци, поточно 325 милиони евра, „ би биле наменети за спроведување на мерки за подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата (фасади, кровови, подови и сл) кои ќе ги исполнат строгите и највисоки критериуми за енергетски ефикасен објект според соодветните национални прописи“, се наведува во студијата. „ Моделирањето покажа дека најмногу инвестиции се потребни за мерката: изградба на енергетски ефикасни објекти, што значи дека активностите кон целните групи домаќинства со енергетски неефикасна фасада на домот и домаќинства со енергетски неефикасен кров на домот ќе бидат макотрпни, но исто така треба да се едни од приоритетните, бидејќи ќе се имплементираат во текот на целиот период до 2025.“
Сите други мерки заедно се проценети на 53 милиони евра.
„Затоа, ова е максимална очекувана сума на вкупни трошоци, кои се очекува да бидат финансирани од повеќе страни, за кои треба да се изработи план за финансирање“, стои во студијата.
Студијата предлага првичните активности, за да се постигне поголем ефект кон локалното загадување, да бидат насочени кон домаќинствата кои користат јаглен (0,4 отсто) и дрво за греење.
„Тие да бидат пред се насочени кон општините кои најмногу учествуваат во потрошувачката на огревно дрво како: општина Центар, општина Гази Баба, општина Сарај, општина Кисела Вода, општина Ѓорче Петров, општина Бутел, но и кон општините од град Скопје каде огревното дрво е речиси единствениот енергент кој се користи за загревање на домовите (Шуто Оризари, Сарај) и сите останати општини од Скопскиот регион кои не се дел од Град Скопје. За домаќинствата кои се греат на огревно дрво или јаглен, а истовремено спаѓаат и во целната група со ниски месечни примања потребно е да се издвојат финансиски средства за да им се помогне при промената на технологијата за греење или при изолација на домовите.“
Најдобри резултати за кратко време, без поголема инвестиција, според студијата, би се постигнала со повторно вклучување на домаќинствата кои се исклучиле од системот за централно греење.
Игор К. Илиевски
Еколошки возила само скопјани би ги чинеле 686 милиони евра
Ќумбињата во Скопје загадуваат колку 17 милиони автомобили
Овој текст, како и богатство од прилози за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, прочитајте на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
насловна фотографија: Архива на ЦИВИЛ
This post is also available in: English