„Иднината на државата е комбинирана, малку зелена и малку црна. Сега како што се одвиваат работите одиме кон поцрно ама се надевам дека со млади и нови сили, не овие Курто и Мурто, туку трета сила на млади со поддршка на некои постари и поискусни за да ги упатат на прав пат, ќе успее Македонија. Не ни треба Европа, ама ниту Африка нема да не прими, тие се понапредни од нас, ама се надеваме дека Европа ќе не прими и ќе почнеме да ги почитуваме и применуваме нивните правила“, вели еден граѓанин на прашањето на ЦИВИЛ Медиа – Каква иднина ја очекува државата, зелена или црна?
„Имаме зелена иднина, но треба да се репрограмираме и сите заедно да мислиме на добро, односно, по едно дрвце или цвеќе да засадиме ќе биде доволно. Само треба да има иницијатива, без разлика дали ќе биде граѓанска или државна“, нагласи една граѓанка во центарот на Скопје.
Друг граѓанин вели дека мора да се надеваме кон зелено, оти тешка е работата…
„Мислам дека Македонија има шанси да биде еколошка држава, ги има сите ресурси, само треба да се размисли како се користат тие ресурси. Најголем проблем за нарушување на екологијата се малите хидроелектрани кои уништија цели долини по планините, наместо да се прават акумулации кадешто водата ќе се задржи за во летниот период да имаме резерви на вода, сега фактички е каптирана за некоја мала енергија. Мислам дека тука е грешката во енергетскиот развој и на хидропотенцијалот. Но, сепак имаме зелена и светла иднина“, потенцираше еден граѓанин.
Анкетата е дел од проектот „Зелена иднина“, што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Хајнрих Бел – Сараево.
Текст и камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети