Пожарот на депонијата Русино сè уште е активен од саботата наутро поради непристапниот терен што е резултат на изведувањето градежни работи на оваа локација.
Огнените јазици викендов создадоа облаци од чад над Гостивар, кои во комбинација со топлото време им создаваат големи потешкотии во животот на жителите од овој град, јавува МЕТА.
Како што информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), тие уште викендов активно се вклучиле во акцијата за гасење на пожарот кој ја зафати депонијата во Русино. Претходно, и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари на својот Фејсбук профил, побара итна помош од државата за справување со пожарот, префрлувајќи ја вината кон централната власт.
„Дојдете во Гостивар сега, во спротивно состојбата може да биде подраматична, за која ќе имате уште поголема одговорност. Ако продолжи оваа состојба, ќе бидеме сигурни дека овој пожар не се случи поради занемарувањето на Владата, туку намерно оваа Влада сака Гостивар да гори и нашите деца да се трујат“, им се обрати Таравари на централните власти преку Фејсбук.
„За справување со пожарот Дирекцијата за заштита и спасување ангажираше градежни машини како поддршка на ТППЕ Гостивар и Комуналното претпријатие на Гостивар“, соопштуваат од ДЗС.
Директорот на ДЗС, Аднан Џафероски утрово беше на терен на депонијата Русино. Тој вети дека екипите на ДЗС ќе останат на терен сè до конечно гасење на пожарот во гостиварската депонија, јавува МЕТА.
Еко- активистите во меѓувреме алармираа за големата еколошка катастрофа предизивкана од пожарот кој во голема мера предизвикува штета по животната средина и по здравјето на граѓаните.
Б. Ј.