Исполнувањето на целите на Парискиот договор за климата ќе чини 1.000 долари по глава на жител годишно, рече францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, повикувајќи на рефинансирање на зелениот фонд клима.
„Климатското затоплување е скапо. Според наша проценка, ако сакаме да ги исполниме целите на Парискиот договор, следната година ќе бидат потребни 1.000 американски долари по глава на жител годишно“, објасни министерот во Елисејската палата по средбата со претставници на деловните активности.
„Меѓународните организации треба да бидат мобилизирани, Светската банка, Европската инвестициска банка и очекуваме најави за зелениот фонд за климата од самитот на Г7 во Биариц“, додаде тој.
Ле Мер прецизираше дека ги повикал своите колеги, министрите за финансии на Г7 и ги замолил да учествуваат во тоа рефинансирање.
Зелениот фонд за клима, основан во Канкун, Мексико во 2010 година и покренат во Дурбан, ЈАР следната година, им дава приоритет на земјите во развој кои се изложени на климатски промени.
Првичната цел на фондот беше да собере 100 милијарди американски долари годишно од развиените земји во корист на земјите во развој. Парискиот договор подоцна ја прошири оваа цел до 2025 година.
Извор МИА