пишува: МИЛАН БАНОВ
Деновиве имав гостин од Чешка, кој, според расположенијата што му ги забележав шетајќи го низ Скопје, претпоставувам каков впечаток ќе понесе од кај нас, па ако сакате, и за нас. Прво, чинам, се развесели, или да бидам попрецизен, човеков од златниот град Прага се „газеше“ од смеење тогаш кога погледот му застануваше на бронзата и гипсот што ни ја красат/гнасат престолнината. Му објаснувам дека работата не е за смеење туку за плачење, дека ова и вакво Скопје е последица на една тоталитарна свест, на исчанчен естетски и етички критериум на една тиранска, силеџиска дпмнеовска власт која во кичот препознаваше убаво. Павел, така му е името, сега веќе сериозно, ми вели дека тоа може да се поправи, особено што гипсот (и гипсените луѓе, секако) е кршлив и од времен карактер.
Неговата втора расположба од нашето панорамско разгледување на Скопје е една учтива, срамежлива забелешка, па потоа претпотопски молк, предизвикан од грди слики, распослани безмалку на секој квадратен метар, од слики од кои, едноставно, не можете да побегнете. Тоа е пејзаж на ѓубре и валканост што напаѓа жестоко и прави да се чувствувате посрамено. Молчам и јас, зашто, колку и да сакам нештата да ги подзачистам, напросто е невозможно сметот да се турне „под чергиче“.
Навистина, требаше ли некој отстрана да ни кажува колку ни е „прљав“ градот, дали секој од нас поединечно не се соочил со низа врамени слики на скопска мртва природа. Погледнете ги улиците и тротоарите – нови се, широки се, модерни се, речиси европски, но со додатоците произлезени од балканската ментална ситуација што ни е сè уште населена во главите и никако не сака да ги напушти; додатоци во вид на преполни контејнери, на исто толкаво количество смет околу нив, на преполни жардинјери и уште пополна нивна околина, на автобуски станици послани со тепих од догорчиња и хартивчиња, на клупи на кои се седело, се јадело, се пиело и се оставило она што веќе не можело да се употреби…
И уште: погледнете ги парковите, нивните „нови растенија“ пластичните кеси, шишиња, искинати и фрлени весници, хартии во сите бои и големини, амбалажа… погледнете ги спомениците, нивните подножја накитени со материјали кои не се од бронза, но упатуваат на размислата дека тука ги фрлила некоја свест примарна за бронзената доба, загледајте се и во ликовите на тие споменици – птиците си ја завршиле работата, ама не и комуналните служби. Што да се каже за реките, за плиткиот и валкан Вардар и за дебелите наслаги смет на неговите брегови, за Треска која жителите во нејзината близина, тамошните „екологисти“ ја препознале како депонија од повеќе метарско ѓубре трансферирале од своите домови, шупи, штали, ниви… Биле ли странците во скопските населби (Павел не се осмелив да го одведам), ги навел ли патот, да речеме, кон Шутка или Чаир? Престојувале ли овде „по дождот“, кој првично природно ги мие скопските улици од сè со што деноноќно сме ги валкале, но потоа ги остава поплавени, калливи, тињосани и со непријатна миризба.
И кога сме веќе откриени од странците, не гледам причина докрај да не се „разгологазиме“ и да не проговориме, не само за Скопје, туку и за сета нечиста држава, каде нагледно и опипливо сме сведоци на руралната свест на голем број граѓани, на нивната ментална нехигиена и на погубната навика систематски да се уништува животната средина. Да, ние сме убава, топла, гостољубива и совршено несовршена земја со безброј слики кои неодоливо потсетуваат на митската Авгиева штала.
Во мојата рамка, на пример, маркантно се сместила сликата на историското Смилево каде непосредно до манастирот, во некогаш чистата рекичка и на нејзините брегови успеав да избројам 2.482.568 пластични шишиња (кој не верува, нека отиде и нека брои) кои заедно со непребројаните кеси, конзерви, шут, хартија, фекалии, едно умрено магаре, десетици мртви кокошки и други животни од непрепознатлив вид, питорескното село го престориле во огромна депонија која денес и Турците тешко би можеле да ја запалат.Или, да речеме, тука е и оној контаминиран пејсаж во близината на Лазарополе кој педантните селани и сопствениците на викенд куќите го определиле за своја депонија, па така,организирано со камиони ѓубрето секој ден го носат на една височинка на патот и оттаму го истураат по падините на планината. Тука е и сликата на делницата на патот Велес-Штип на кој, како знамиња, ве отпоздравуваат закачените пластични кеси развеани на дрвјата. Тука се и валканите улици и плоштади, загадените градови, гратчиња и села, уништените паркови и излетнички места, мртвите реки и езера… Конечно, на сликата се забележува и еден зрел македонски патлиџан кој паѓа од височината на десеткатница во скопската општина Аеродром кој се распрснува пред вашите нозе и во миг се претвора во метафора. За едно ниво на свест, за еден погубен провинциски менталитет, за една примитивна сељачана која сè уште верува дека хигиената е заразна болест.
Завршувам, премногу ѓубре дури и за текст кој се занимава со темата ѓубре, плус не можам да побегнам од впечатокот дека си ја нагрдувам сопствената држава. Но, така е, еднаш ќе пишуваш со гордост кога ќе го видиш нејзиното убаво лице, вторпат со срам кога зад лицето ќе се појави ликот кој го соѕидала она идиотско сознание дека кога станува збор за смет тој е за фрлање, не е важно каде и како, битно е ние да го исфрлиме и да се ослободиме од него. Значи, на ред доаѓа деконтаминација на свеста за да го исчистиме ѓубрето во нас.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.