Огранокот на глобалното движење за климатска правда „Петоци за иднината“ на 16-годишната климатска хероина Грета Тунберг во земјава, „Петоци за иднината Скопје“ бара од средните училишта во главниот град да се солидаризираат со глобалниот настан и да им дозволат на средношколците да ги напуштат првите два часа од втората смена в петок, за да можат да присуствуваат на протестот против климатските промени, што ќе се одржи пред Владата со почеток во 13 часот.
– Добивме десетици пораки од наши соученици кои сакаат да бидат дел од протестот, но се плашат дека ќе сносат последици поради тоа. Апелираме до професионалната етика, но и до совеста на директорите и професорите од скопските училишта. Драги просветни работници, пронајдете ја повторно во себе причината поради која сте ја избрале оваа вокација. Ова не е обично отсуство или бегање од часови, туку нешто многу поголемо и поважно. Не им ставајте неоправдани изостаноци на вашите деца, туку напротив, охрабрете ги да дојдат на настанот и заедно со нивните врсници од целиот свет да се изборат за здрава и безбедна иднина! На крајот на краиштата, придружете им се и вие! Тие не смеат да се плашат од вас и од вашиот образовен систем, туку треба да ја развиваат свеста за тоа што не опкружува и тоа што претставува вистинска закана за нивните млади животи!, се наведува во соопштението на „Петоци за иднината Скопје“.
Во соопштението се посочува дека под притисокот на движењето „Петоци за Иднината“, средните училишта во Њујорк нема да ги спречуваат учениците да присуствуваат на протестот пред седиштето на Обединетите Нации, каде викендов ќе се одржи Самит за климатските промени.
Движењето „Петоци за иднината Скопје“ најавува дека ќе организира настани за зголемување на свеста за еколошката криза во текот на целата Недела за иднината.
– Протестот в петок е најважен, затоа што од него ќе се испрати пораката дури до Њујорк дека и во Македонија се свесни дека климатските промени претставуваат најважно прашање на 21-от век и дека најмладите генерации се тие кои ќе бидат жртвите на одложувањето на неговото решавање. Опстанокот на човековата цивилизација зависи од наредните недели, месеци и години. Обидете се како образовен кадар да им овозможите на вашите ученици да ја доживеат возраста која вие ја имате, се потенцира во соопштението на движењето.
извор: МИА