Во претпладневните часови, денеска, тим на ЦИВИЛ ги посети општините Валандово и Струмица, каде со граѓанките и граѓаните зборуваше за зелените вредности, социјалната правда и антинационалзмот.
На инфо штандовите во овие две општини граѓанките и граѓаните во директна комуникација со ЦИВИЛите ги споделија своите ставови, предлози и идеи на овие теми.
По овие посети во 13 часот во општинската сала на Општина Штип, денеска ќе се одржи работилницата „Зелена иднина“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ, на која ќе учествуваат претставници на локалната самоуправа, невладиниот сектор, како и сите заинтересирани активни граѓанки и граѓани.
„Изминатите години во Република Северна Македонија рапидно се зголемува бројот на невладини организации кои се занимаваат со овие теми. Во предизборните кампањи на политичките партии сѐ почесто се споменуваат проблемите со социјалната (не)правда, зелените вредности наспроти катастрофата од загадување која ни се случува, во јавноста често се слушаат декларативните заложби за едно општество за сите, но реалноста е сосема поинаква. Кои сме, каде сме, што правиме и кои се резултатите? Ова се дел од прашањата коишто ќе се обидеме да ги одговориме на оваа работилница на која навистина ќе има што да се слушне, а и што да се каже“, велат од ЦИВИЛ.
По работилницата на плоштадот во Штип, граѓанките и граѓаните ќе имаат можност на инфо-штандот на ЦИВИЛ да се информираат повеќе за целите на овој проект и како тие може да придонесат во подобрувањето на општеството.
Проектот „Зелена иднина“ ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Хајнрих Бел од Сараево.
Фотографии: ЦИВИЛ тим
This post is also available in: English