Фронт 21/24 денеска изјави дека актуелните рушења на дивоизградените платформи во самото езеро на неколку угостителски објекти на брегот од Охридското езеро, не се поврзани со препораката бр. 9 од УНЕСКО за справување со дивоградбите во регионот, туку дека е еден скромен почеток на основно владеење на правото во областа на урбанизмот во општината.
„Ова е делумно рефлектирано во изјавата на Градоначалникот на Охрид по повод уривањето на платформите, и самиот потврдува дека ова е поместување од мртва точка, иако ние не го гледаме како значајно, но секако се согласуваме дека „конечно во Охридскиот регион мора да започне да се почитува правото и законот“. Секако го поздравуваме и гледаме како позитивен чекор секој пример на почитување на домашните закони од страна на властите (и локални и централни), истовремено сметаме дека земја која се смета за спремна да започне преговори за членство во Европската унија треба да има (и практикува) многу (многу!) повисоки критериуми во областа на основното владеење на правото“, се вели во соопштението на Фронт 21/24.
Тие велат дека во однос на исполнувањето на препораката од УНЕСКО, кое не е започнато, има повеќе елементи кои сериозно ги загрижуваат и повторно упатуваат на заклучокот дека ни по сесијата на Комитетот за светско наследство во Баку нема значајна промена во намерата на властите да прикажат посветеност кон зачувување на природното и културно богатство.
„На четири месеци до крајниот рок за исполнување на препораките, нашата земја не е ни блиску до суштинско посветување на нивно исполнување. Во клучниот Закон за Охридскиот регион (за кој нашата делегација во Баку флагрантно излажа дека е усвоен), Владата прво измени дел од најважните членови (и тоа набргу по Баку и официјалната пофалба за земјава во последната Одлука токму за „усвојувањето на новиот Закон), па по острите реакции го повлече од собраниска процедура и од тогаш нема ни глас за истиот. Одлуките за воведување мораториум на Охрид и Струга се внимателно скроени да дозволат продолжување на урбаната и крајбрежната трансформација, со делумно регулирање до 01.02.2019 –што, исто како и актуелното рушење, нема врска со препораката на УНЕСКО; Стратешката оцена на влијанието врз животната средина за Планот за управување со регионот (за која исто така флагрантно излажаа во Баку дека се во тек консултациите со јавноста) ја нема ни на повидок; како стојат работите можеби ќе имаме План за управување со регионот пред да имаме нов Закон за управување со регионот, кој го дефинира Планот… Сè е наопаку и кристално јасно го покажува нивото на свеста на нашите авторитети за најголемото природно и културно богатство кое го имаме и чија заштита му ја должиме на светот и сите генерации по нас. Вчера, во седиштето на УНЕСКО во Париз, наша делегација презентираше извештај за „напредокот“во исполнувањето на препораките. Можеби повторно успеа да покаже колку е „сериозно посветена за разлика од претходната власт“, се вели во соопштението.
А. П.