Конференцијата „Зелените доаѓаат!“ во организација на ЦИВИЛ ќе се одржи на 25 октомври во хотел „Порта“ (Аеродром) од 12 до 14 часот. На конференцијата се поканети граѓански организации и иницијативи, политички партии, институции на национално и локално ниво, медиуми и сите заинтересирани граѓанки и граѓани.
На конференцијата ќе се говори за предизвиците и можностите во областа на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, како и за нивната меѓусебна поврзаност и неделивост, за што цврсто се залага ЦИВИЛ. Понатаму, наодите од теренската работа на ЦИВИЛ, оценки, анализи и препораки за различни категории во државата и општеството, ќе бидат дел од агендата на конференцијата.
Оваа конференција има цел да промовира зелени вредности кои ги вклучуваат и се во единство со темите поврзани со социјалната правда и антинационализмот.
„Суштински важно е да се разбере дека кога зборуваме за зелените вредности, тоа не подразбира само заштита на животната средина, туку и заштита на човековите права и слободи, социјална и еколошка правда, економска и еколошка благосостојба, еднаквост и антидискриминација. Зелените доаѓаат насекаде во светот. Северна Македонија мора да се приклучи кон глобалните трендови и процеси“ – велат од организацискиот тим на конференцијата.
Организацијата, во својата структура обединува повеќе организациски единици, меѓу кои и Зелен ЦИВИЛ, формирана во 2009 година. ЦИВИЛ постои од 1999 година. Во својот статут и програма, организацијата ги вградува Универзалната декларација за човековите права, европските и зелените вредности и ги практикува во сите свои активности и проекти. Оваа година, на 25 ноември, ЦИВИЛ навршува 20 години од своето постоење.
ЦИВИЛ Тим за комуникации