Општина Кисела Вода реагираше на апелот на жителите од улица Лазар Димитров, наслеба 11 Октомври, по пренесувањето на истиот на ЦИВИЛ Медиа: Апел од жителите на улицата Лазар Димитров – заложници на Општина Кисела Вода.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
„Имено, секогаш кога изведуваме градежни активности, внимаваме истите да бидат квалитетно изведени со цел, нашите жители да добијат целосно сработени и трајни проекти, за што понекогаш треба малку поголем временски интервал. Конкретно, за улицата „Лазар Димитров”, паралелно со нашите активности, се работеше и на регулирање на подземната ифраструктура од ЈП „Водовод и канализација”. Ова нешто се прави пред асфалтирање на улицата за потоа да нема раскопување на реновираната улица. Ве информираме дека нивните активности завршија минатата недела. Паралелно, активностите на локалната самоуправа не сопреа и во истиот период Општина Кисела Вода работеше на други улици каде имаше потреба од вакви или слични градежни зафати.
Најостро ги демантираме изнесените тврдења дека буџетот наменет за асфалтирање е потрошен, за што е доказ тоа што работите на гореспоменатата „Лазар Димитров”, продолжуваат од оваа недела. Се надеваме дека нашата реакција ќе биде пренесена во целост на вашиот портал за жителите од овој дел на градот да ја имаат вистинската и точна слика за работата на Општина Кисела Вода“, се вели во рекацијата на Општина Кисела Вода.
Б. Ј.