Архитектката Даница Павловска на конференцијата #ЗеленитеДоаѓаат истакна дека иако работи во Министерството за животна средина и просторно планирање многу ретко ги брани постапките и работата на ова институција. Таа нагласи дека оваа институција е многу битен сектор во однос на она за што зборуваме денеска на оваа конференција.
„Законот за локално зеленило е нешто што го уредува правно заштитата и негувањето на зеленилото не само во урбаните средини, но за жал, тој не се почитува. Нашите закони колку и да се добри ако не се имплементираат се бесмислени“, вели Павловска.
Таа истакна дека граѓаните се тие кои мора да инсистираат на спроведување на законите.
„Јавниот простор во Скопје се злоупотребува. Евидентен и еклатантен пример кој никако да се разреши е проектот Скопје 2014. Како фела ние навистина имаме предложено многу решенија и стратешки определби кои би значеле однос кон тој штетен проект, освен една комисија на ниво на држава немаме ништо друго. Добра волја има на ниво на град, особено Општина Центар со суспендирање на тој проект, но тоа не е доволно“, истакна Павловска.
Павловска зборуваше за обликувањето на градот, низ елементарното човеково право на јавен простор по наш урнек, почитувајќи ги токму овие три концепти за кои зборуваме на конференцијата.
„Безбедноста, естетската компонента, зелената компонента, почитувањето на различностите, почитувањето на овие работи, значи дека сме на добар пат“, рече Павловска.
М. Ивановска