Околу триесетина ромски семејства, од кои десетина малолетни деца, кои живеат во импровизирани куќички во скопската населба Маџари, во близина на Кванташки пазар, се едни од најпогодените од кризата со корона вирусот. Тие велат дека поради корона вирусот полицијата не им дозволува да работат, односно да собираат пластични шишиња и картони за да се прехрануваат. Оставени се како што велат „во милост и немилост на државата“, и додаваат дека досега не добиле помош од Црвен Крст.
„Народот тука трпи за леб, не можат ниту да одат во контејнери да собираат храна, бидејќи ако полицијата ги фати ќе ги однесат една година во затвор“, вели еден жител од таа населба.
„Од една страна се плашиме да не фатиме корона вирусот, лекови немаме, маски немаме, ракавици никој не ни дава. Немаме никаква помош, ниту социјално не земаме. Ако не се тие канти од каде ќе јадеме, а сега и тоа ни го забранија“, вели една жителка од тоа маало.
„Полицијата нè тепа и нè брка додека буричкаме по канти, ни велат „одете дома има корона вирус“, а ако седиме дома што ќе јадеме? Од каде да земеме храна и пиење?“, нагласи една граѓанка.
„Велат седете дома и одржувајте хигиена за да се спречи ширењето на корона вирусот, меѓутоа како да не фатиме ние и нашите деца корона вирус кога немаме средства за лична хигиена, сапун и вода немаме… Додека собираме храна од кантите, фаќаме разни искористени маски и ракавици кои ги фрлаат граѓаните. И ние стравуваме дека може да фатиме корона вирус, бидејќи допираме секакви работи…“, додаваат жителите.
Дел од жителите велат дека одат на Кванташки пазар и собираат зеленчук и овошје што го фрлаат тезгаџиите. Но, сега и од таму ги бркаат, велат дека тезгаџиите се плашат од нив да не се заразат со корона вирус.
Видеата ни ги испрати Кантур Ирфан, кој живее во странство, кој додава дека во оваа здравствена криза најпогодени се социјално ранливите граѓани, пред сè Ромите, и дека ромските политичари во соработка со државните институции треба повеќе да се ангажираат да им помогнат на тие граѓани, а не да ги посетуваат само кога им требаат гласови.
Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
This post is also available in: English