ЦИВИЛ на 20 јуни го почна мониторингот на предизборните активности на политичките партии учеснички во изборниот процес, говорот на омраза на социјалните мрежи, лажните вести и дезинформациите.
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ од почетокот на предизборната кампања на социјалните мрежи детектира и архивира над стотина содржини со говор на омраза и мноштво содржини со лажни вести и дезинформации.
Од почетокот на изборниот молк, на 13 јули на полноќ, забележани се комбинирани содржини коишто содржат дезинформации и непочитување на изборниот молк од политичари и политички партии.
Говорот на омраза на социјалните мрежи за време на изборниот молк не само што не стивна, туку се интензивираше, и тоа од редовните страници коишто од почетокот на предизборната кампања работат засилено на продуцирање објави, а со тоа и поттикнување на говор на омразата.
ЦИВИЛ објави неколку содржини од мноштвото архивирани од Мониторинг тимот, а со тоа предизвика и затворање на страницата „Налет на се сторите“, којашто се врати со уште позасилен говор на омраза, допирајќи ја и организацијата и нејзините членови, со експлицитни изјави и дискриминирачки етикетирања по неколку основи.
На вториот ден од изборниот молк, веќе познат профил на социјалната мрежа Твитер, којшто се интензивно се занимава со етничкото потекло на членовите на организацијата, објави твит со клевета и навреда кон членови на ЦИВИЛ, со најава дека и понатаму ќе продолжи.
Говорот на омразата не изостана ниту во објавите на разрешениот, и сега веќе притворениот судија Владимир Панчевски, во коишто имаше организирана хајка против ЦИВИЛ и членовите на организацијата.
Во предизборниот период, седиштето на ЦИВИЛ повторно беше на вандализам со заканувачки и навредливи пораки. Панелот во дворчето зад седиштето на организацијата што се користи за состаноци и изјави за јавноста е турнат, а врз него е ставена лопата. Натписот со логото на организацијата и натписот „Слободна зона“ веднаш под него се скинати, а пред вратата беа истурени отпадоци. На вратата, со остар предмет е изгравиран зборот „Nazi“ (нацист).
Мета на говор на омраза во предизборието беа и активисти за човекови права и политичари.
Мониторингот на ЦИВИЛ издвојува 9 најчести Фејсбук страници кои шират говор на омраза и дезинформации, како и неколку од здруженијата кои земале учество во овие објави со споделувања, лајкови или коментари.
ЦИВИЛ одржа прес конференција на 11 јули , на која го претстави предизборниот извештај од мониторингот, со исцрпни детали од работата на Мониторинг тимот на организацијата и со опфаќање на набљудувањето на неколку аспекти на предизборниот период, како што се говорот на омразата, лажните вести и дезинформациите, финансирањето на политичките партии во предизборна кампања, со наоди и анализи за истите.
Говорот на омраза продолжи и на денот на изборите и потоа.
Димитар Апасиев од Левица, откако беше извесно дека тој како носител на листата во Изборната единица 1, влегува во новиот парламентарен состав, на својот профил на Фејсбук имаше објава со експлицитен говор на омраза, по што Скопското јавно обвинителство отвори предмет .
Одбраните содржини со говор на омразата се објавуваат редовно на медиумската платформа на ЦИВИЛ, на македонски и албански јазик.
Лажни вести и дезинформации
Што се однесува до лажните вести и дезинформациите во текот на изборниот молк, за време на изборите и потоа, мониторингот на ЦИВИЛ продолжува да работи во тој дел. Од мноштвото содржини што ги детектира Мониторинг тимот на ЦИВИЛ, објавени се неколку на медиумската платформа,
Партии и активисти објавуваа резултати од гласањето на граѓаните во изолација заболени од КОВИД -19, и од гласањето на болните, немоќните, хронично болните, затворениците, во домовите за стари лица и во домашен притвор, со прикажување на гласови и за свои, и за други партии.
Со овие активности се прекршува изборниот молк, и се дезинформира јавноста.
Во Изборниот законик, во делот за Објавување на резултатите од изборите , во членот 135, став 1 и 2, е објаснето за објавувањето на изборните резултати, како и дека резултатите, во дадено време и на законски одреден начин, ги објавува Државната изборна комисија.
Останува прашањето како стигнале до конечните резултати според кои се одредува колку граѓани во изолација, гласале за одредени политички субјект, ако истовремено се земе предвид дека гласањето е тајно. Со тоа се нарушува и тајноста на гласање.
Разрешениот судија Владимир Панчевски во предизборниот период споделуваше содржини со говор на омраза и пласира лажни вести на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук во корист на ВМРО ДПМНЕ. Панчевски во декември 2019 година беше разрешен од својата функција претседател на Основниот суд Скопје 1 поради манипулации со распределбата на предмети во судот.
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележа дека на неговиот Твитер профил, освен дезинформации и говор на омраза коишто тој ги пласира, често споделува и објави од профили – партиски ботови на опозициската ВМРО ДПМНЕ.
Неколку интернет портали објавија лажна вест е дека во Велес се давани пари како поткуп во вид на социјална помош на граѓаните од по 2.000 денари, за што Секторот за внатрешни работи Велес ја демантира објавената информација.
Интернет порталот „Порталб“ објави анализа на прелиминарни резултати од евентуалниот исход од гласањето, и тоа за дел од политичките партии што се натпреваруваат за пратенички места на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 15 јули. Анализата е подготвена од политичкиот аналитичар Роберт Несими.
Порталите, блиски до одредена политичка партија, ја објавиле анализата, но, прикажале резултати на бројката на добиени мандати, во корист на партијата што ги контролира, односно, различни од тие што се прикажани во анализата.
Повеќе медиуми објавија вест дека политичар, кој беше дел кандидатските листи, е позитивен на КОВИД-19 и дека истата информација е потврдена од партијата која го поддржува.
Политичарот ја демантираше лажната вест, дека е позитивен на КОВИД-19, на својот Фејсбук профил.
Се пласираше и лажна вест дека на градоначалникот на Василево му е определена мерка притвор, но по извршени проверки утврдивме дека тоа апсолутно не е точно. Во самите текстови е наведено и дека е определена мерка притвор за наведените од страна на јавен обвинител иако општо познато е дека од страна на Јавен обвинител и не може да биде определена мерка притвор.
Порталот Алмакос објави дека ДУИ го моли СДСМ да ја формираат новата Влада заедно. Во текстот објавен од Алмакос, се наведуваат детали од наводните комуникации со извори од двете партии, од кои наводни комуникации се извлекува заклучок дека политичката партија ДУИ се откажува од првичното барање за премиер Албанец, во замена за три други врвни позиции.
Извори на ЦИВИЛ брифираат дека во моментов нема комуникација меѓу двете партии, така што оваа вест ја класифицираме во дезинформации.
Покрај наведените содржини во овој извештај, на медиумската платформа на ЦИВИЛ се објавени уште многу други случаи со говор на омраза, лажни вести и дезинформации.
Наодите од Мониторинг тимот на ЦИВИЛ за лажни вести и дезинформации, говор на омразата и непочитување на предизборниот молк, се архивирани со сите потребни информации, видео записи, фотографии и други детали, за коишто ЦИВИЛ подготвува детален извештај.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ
This post is also available in: English