Рампата на локалниот пат што води од Гостивар до регионалната депонија Русино ќе биде спуштена уште десет дена. Претставници на граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“, полошкиот плански регион и на швајцарската агенција која финансира проект за управување со отпадот ќе се состанат вечер и ќе ја разгледуваат моментната состојба.
Од Граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ потврдија дека деновиве оствариле средби на повеќе нивоа. Велат дека засега нема решение кое би ги задоволило засегнатите страни. По дваесетте денови блокада еко активистите најавија уште десет денови спуштена рампа за камионите со отпад од другите општини.
– По неколкуте состаноци со надлежните и одговорните во повеќе институции, не добивме соодветни гаранции да престанеме со блокадата, така што одлучивме да го продолжиме протестот со блокирање на локалниот пат за уште десет денови. За оваа одлука ги информиравме и МВР, рече Кристина Наумоска од граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“
Изминатите денови додека трае блокадата на патот постигнат е привремен договор за пропуштање на камиони со отпад од гостиварската општина за да се спречи трупање на комунален смет во градот и околните населби.
Од иницијативата нагласуваат дека на блокадата ќе останат наредниве денови и со список од ЈП Комуналец ќе го контролираат носењето на отпадот.
За вечерва е закажан информативен состанок на кој ќе се изнесат аргументи за продолжување на проектот на полошкиот плански регион што го финансира швајцарската агенција за развој. Според најавите треба да биде претставен проект кој предвидува формирање на заедничко претпријатие за девет полошки општини. Со проектот е предвидено и набавка на контејнери за сите девет општини, подобрување на условите во депонијата Русино, спречување на загадувањето на почвата и подземните води, системи за рециклирање и селекција на отпад.
Од друга страна, еко активистите цврсто стојат на ставот дека Русино треба да се затвори и депонијата да се дислоцира.
Состојбата со регионалната депонија Русино во последниве три месеци стана актуелна откако гореше отпадот и граѓаните се жалеа на загаден воздух и лоша миризба. Под притисок на јавноста, локалната власт организираше јавна дебата на која учествуваа и претставници на повеќе државни и локални институции. Повеќето од граѓаните во дискусиите ги критикуваа властите дека недоволно се грижат за здравјето на луѓето и дека наметнуваат решенија кои се штетни и неодржливи на подолг рок.
Блокадата на патот до Русино започна на втори август.