пишува: архитект ДАНИЦА ПАВЛОВСКА ЦИГИ
Поводот за овој коментар е следната изјава на градоначалникот на Град Скопје : ‘Како дефинитивна одлука за локацијата (за нова “универзална сала“), како градоначалник одлучив да биде кај сегашните оранжерии на „Паркови и зеленило“, зашто мислам дека ако се влезе во изградба на нов мултимедијален објект, тоа треба да биде триумф на македонската архитектура. Затоа што просторот тука дозволува да изградите симбол на градот. Тука може да се реши и проблемот со летна сцена. Сакам до доцна есен да имаме дефинитивна слика и да влеземе во државното буџетирањето за 2021 година.’
Заправо, приказната почнува кога се објави конкурс за парковско уредување на просторот на кој е (и сеуште постои) Универзална сала – култен објект на скопјаните и пред се, симбол на концептот солидарност од постземјотресниот период. Тој потез на градоначалникот отворено укажа на неговата намера (која упорно ја спори!) да таа се сруши и расчистената површина парковски да се уреди, што е неприфатлив анимозитет и лош потег на актуелната урбана политика. Природно, реагираа и архитектите и граѓаните, и емотивно и рационално, на социјалните мрежи и по сите медиуми, а со тоа колективното културно паметење се потврди. Одговорот на оваа неочекувана жустра реакција е организирање на една трибина, но за жал затворена и тесна, фокусирана на културните работници во градот и на неколку претставници на невладини организации. Сепак, и во такви услови, оттаму ставот за задржување и реставрирање на старата Универзална преовлада, избликна силна топла емоција, топло рацио. За среќа, Скопје има духовни принципи од кои еден е секако заедничкото историско и културно паметење, тоа е врзано ткиво во градот во кое се препознаваме, си го негуваме и обликуваме нашиот и само наш наратив, си го уживаме.
Сметајќи ја обновата на Универзална за неприкосновена овој пат само сакам остро да ја осудам формата и суштината на делот од изјавата за новата локација за градба. Се прашувам од каде му знаење и право на градоначалникот за личен одбир на локација за градба на нова сала, за отпочнување на еден толку важен и скап зафат? Можеби некој го посоветувал добронамерно, но не компетентно, што може и да се прости. Градоначалникот не смее да избрзува со површни и непроверени мислења и непоткрепени предлози. Нели за тоа треба (бар, мала) анализа на стручните служби, професионалните урбанисти, одговорните планери? Кои се аргументите да се зафати површината на Градскиот парк со градба, а и онака е узурпиран со несоодветни намени и енормна изграденост? Нели определбите ни се за зачувување на зеленилото како драгоценост, за посветено грижење за секој вид, нели донесовме закон за зеленило, нели водиме зелени политики…?
Уште се најави дека откако ќе заврши конкурсот со кој се предвидува изградба на летна сцена на сегашното место на Универзална сала, ќе биде распишан нов конкурс и за нејзина реставрација а дури потоа ќе се носат конечни одлуки. Така се поставува уште едно прашање: зар се потребни конкурси (време, пари…) за да го осознаеме значајот на просторот со висока морална димензија, со емотивен набој од сеќавања, со атрибут на културно наследство. Впрочем сервираше најчесто концентрирана доза на култура? Постојат разумни истражувања на јавното мнение, постојат анкети, постои слух за гласот на граѓанинот – исцрпениот, разочаран и уморен жител на градот. Би требало следователно на определбата на градот да конкурира како Град на културата (а како сосема независен проект), поставување на приоритет на градба на нова современа поголема сала за културни настани.
Значи, веднаш да се отпочне преку одговорните стручни субјекти со аналитика на можностите и потребите на градот .Тоа е логичен подготвителен чекор за секоја одлука во неговата урбана политика, особено ДЕНЕС.
Да антиципираме иднина!
Текстот е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.