Градоначалниокот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш во разговор за ЦИВИЛ Медиа вели дека во изминатите 4-5 години во Шуто Оризари се направени нови базени со вода кои ги задоволуваат потребите на граѓаните, и дека се спроведени нови секундарни мрежи во неколку улици во Шуто Оризари, но не се покриени сите улици во Општината.
„Во наредниот период во договор со Водовод и канализација треба да се работи на тој проблем и во секоја улица да се постави секундарна мрежа и да се засили притисокот. Исто така се поставени и нови пумпи, меѓутоа не може да се засили притисокот на вода бидејќи има дотраена секундарна водоводна мрежа“, вели Дудуш.
Тој нагласи дека ако има нешто со кое успешно се справиле откако во изминатите две ипол години ја презеде функцијата Градоначалник, тоа е расчистување на мини депонии.
„Граѓаните знаат како беше во изминатите неколку години, тие мини депонии може слободно да се каже дека беа класични депонии кои беа до 4 метри високи и педесетина метри широки во радиус. Такви мини депонии во нашата Општина повеќе нема, освен на излезите од нашата Општина каде доаѓааат граѓани од сите општини од град Скопје и го одлагаат својот отпад“, истака Дудуш.
Тој додава дека во соработка со Град Скопје се во координација да ги отстранат и тие диви депонии кои се на излезот од Шуто Оризари.
„Несовесните граѓани во текот на ноќтта одлагаат голема количина отпад со која ние сами како Општина тешко може да се справиме. Меѓутоа во внатрешноста на Општината нема повеќе такви депонии“, додава тој.
Дудуш вели дека постојано работат на едукација на населението, дури и преку нивните приватни Фејсбук профили. Тој додава дека во Општината има инспектор за животна средина, има комунални редари кои одат од куќа во куќа да ги информираат граѓаните дека не треба да го одлагаат отпадот во дивите депонии.
„Ние го зголемивме тимот на комунални работници, во овој момент има 50 комунални работници кои со три камиони се постојано на терен и работат во две смени, бидејќи знаеме дека само така може да спречиме да се направат повторно мини депонии“, додаде Дудуш.
Тој истакна дека и во наредниот период ќе продолжи да се справува со дивите депонии и со инфраструктурните проблеми.
Текст, камера и монтажа: Дехран Муратов