Град Скопје денеска во МКЦ организираше трибина за идните планови за Универзалната сала. Своите ставови ги изнесоа претставници на државни и културни институции, здруженија на граѓани од областа на културата, спортот, архитектурата, организатори на фестивали и културни манифестации што се организирале во Универзалната сала.
https://www.facebook.com/CityofSkopje/videos/314719226514611/
Учесниците главно дебатираа за тоа што му треба на Град Скопје како објект, како Универзална сала во следните 20 години. Модераторот на трибината, советникот во Град Скопје Васко Лазаревски информира дека во овој момент од Град Скопје се разгледуваат три опции за иднината на Универзала сала. Првата опција е реизградба на истата сала на исто место. Втората е изградба на нова локација со предложено парковско решение на сегашниот простор и трето е реизградба на старата Универзална и изградба на нова сала.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов потенцира дека сето ова почна од конкурс за Универзална сала кој, како што рече, мене можеби ме чини политички поени. Смета дека тој нема право како Петре Шилегив и како градоначалник да носи автономни одлуки без да се исцрпат сите аргументи за културниот живот во градот, не само за Универзална сала. Според него, носењето одлука за културната инфраструктура во градот, особено по немање фундаментален објект како што е Универзална сала ќе биде судбина на овој град во наредните од 30 до 50 години.
Тој потенцира дека Универзална сала како објект е сериозно емотивна работа за сите нас, за македонската култура, особено за македонската поп култура во последните 50 години. Меѓу мааните на Универзална сала, како што наведе, е тоа што не може да се прошири на постојната локација зошто во близина има хотели, катна гаража… Информира дека на 28-ми овој месец завршува конкурсот за идејно решение за уредување на евентуалниот простор ако дојде до уривање на постојната локација и ќе биде отворен конкурс за реставрација на Универзална сала.
Директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ) Русе Арсов рече дека нема изградено цврст став за овие три понудени решенија. Смета дека треба да се најде компромис и добро е да се слушне ставот и мислењето на сите останати стручни лица. Потсети дека Универзална сала веќе пет години е вон функција, а повеќе од десетина година не е учесник во културната меморија. Смета дека итно ни е потребен нов културен простор, нова сала за гостите да се примат онака како што треба.
Роберт Алаѓозовски, поранешен министер за култура, долгогодишен културен работник и национален ккординатор за развој на културата и меѓуресорска соработка, нагласи дека понудената визија на градоначалникот за нова локација и нов простор е смела и визионерска и треба да се поддржи.
Мартин Пановски од Асоцијацијата на архитекти на Македонија го повтори нивниот став дека Универзална сала е симбол на солидарноста од земјотресот, објектот без никакви преправки, доградби, надградби.
„Универзалната сала е симбол на солидарноста каква што е сега, но дали на културната јавност и е потребен таков објект – сигурно не. Во градот и во државата итно треба да се смени мислењето за просторот. Ние со оваа Универзална сала, која е руинирана, ги едуцираме нашите деца на лоша урбана култура. Овој објект не смее да остане долго ваков, зашто Универзалната сала за нас архитектите и за македонската архитектура значење нема“, посочи Пановски.
На трибината се обратија Мирко Попов од МПГ Колектив, Филип Аврамчев, директор на Универзала сала, Оливер Белопета од Скопскиот џез фестивал, архитектот Ангел Ситновски...