пишува Ирина Банишка
Размислувања на тема…
Урбанизам
На мала слепа уличка, во Пржино, со години наназад живеат луѓе во куќи и бараки, некои поголеми, некои помали. На истата уличка, некој успеал да купи две од парцелите, две постари куќи, да ги спои и сега урбанистичкиот план предвидува шест катна зграда во моментов за таму. Жителите се обратиле до второстепена комисија во Министерство за транспорт и врски, и добиле одбиена жалба, на која потписник е министерот.
Примерот покажува дека најголемиот проблем е што на институциите најлесно им е да потпишат, бидејќи токму од градежништвото многу лесно се профитира. Профитерството е најголем проблем кога станува збор за урбанизмот. И сега замислете, мала и слепа уличка, и шест катна зграда со над 20 станови, над 30 автомобили… И така секаде низ Скопје.
Верувам дека политичката волја за решавање на урбанистичкиот хаос во градот постои, но сепак, во изборните програми на политичките партии прашање е дали воопшто ова беше претставено како проблем, со соодветно решение. Еколошкиот проблем не е приоритет. Очигледно е по урбанистичкиот хаос во кој живееме, дека се запоставува улогата и значењето на на локалната самоуправа по ова прашање. Полесно е да се дадат дозволи за градба отколку да се казни некој што фрла отпад. Затоа, сметам дека треба да се работи на дијалог помеѓу граѓаните, граѓанското општество, владиниот сектор и институциите, со цел да се слушнат приказни како оваа погоре, и некој да се замисли дека парчето хартија на коешто става потпис, на некому му менува многу повеќе. Ваквиот дијалог, ќе овозможи да се стигне до одредена институционална инстанца што ќе придонесе кон поорганизирани и плански урбани средини.
Зелени вредности, еколошка правда и образованието
Во моето искуство, зелените вредности како тема, поим, концепт се негуваат преку настани, конференции, дебати, најчесто организирани и поддржани од граѓанскиот сектор, но недостасува активно учество на оваа тема. Ако е прашањето, од каде да се почне со нивна промоција, со едукација на населението за важноста на овој поим, одговорот е едноставен: пред 5 години завршив средно училиште и единствен начин да се вклучиш во активност што ги промовира зелените вредности, беше преку нешто што е надвор од задолжителниот образовен процес. Ќе дојдат претставници на невладина организација, ќе презентираат, одржат неколку работилници, и најчесто тука завршува. Во самиот образовниот процес зелени вредности како поим не постоеше. ретко кој средношколец се стекнал за значењето на поимите зелени вредности и еколошка правда во формалното, задолжително (!) образование. Оставено е на добрата волја на совесните ученици да одлучат дали ќе се вклучат во вакви активности со цел да научат повеќе.
Она што најмногу недостасуваше се оние навидум мали работи, како канти за рециклирање…, самите образовни институции не размислуваа дека треба да се постават, и да не дојдеше некој од Пакомак или слична организација да ги постави, отпадот немаше да се селектира. Од друга страна, како вработена во приватно училиште, сведочев дека не е воопшто тешко да внесат вакви навики сѐ додека постои волја. А таа ја нема. Во државните училишта, децата ако сакаат се вклучуваат, се едуцираат, и се стекнуваат со навики кои се „зелени“, а ако не – никому ништо, на родителите им се важни само оценките. Затоа, тргнувајќи од образованието, како исклучително важен сегмент во развојот на секоја индивидуа, па до политичките партии или Владата, зелените вредности не постојат како приоритет во ничија агенда. А треба да бидат високо на приоритетната листа и на секој граѓанин индивидуално. За жал, на граѓанинот ова му некаде најдолу по приоритетите. Затоа граѓанското општество треба и мора да остане најгласно за зелените вредности како приоритет во нашето живеење, додека волја не се створи и кај другите чинители во општеството.
Влијанието на зелените вредности кон личната слобода, здравјето, среќата и човековото достоинство е многу големо. Сепак, ова влијание може да биде и негативно. Сметам (и од тука произлегува мојот песимизам на оваа тема) дека како народ, немаме осет дека влијаеме кон сите промени, кои порано или подоцна сите не засегаат. Додека од една страна постојат луѓе што ги практикуваат зелените навики и вредности, постојат и такви што се целосно игнорантни. Не може едната половина да ја балансира другата половина што не ѝ е гајле, а во зима сите да се гушиме и кашламе кога е најзагадено. Не сум сигурна дали секој граѓанин индивидуално се прашува себеси – ова што се случува е и од мене, можно е јас да сум го предизвикал. И можеби индивидуално тоа, не се чувствува, но колективно го гледаме, чувствуваме (и дишеме) низ целата земја.
Еколошка правда би ја дефинирала како право и обврска на секој граѓанин, прво да живееме во чиста животна средина, но и обврска да се грижиме за неа. Да, секој граѓанин, ама не само дворот, туку и местото каде што оди на работа, паркот во кај што излегува да шета или плажата… и не само на работното место туку и како се стигнува до работното место (тука мислам на велосипедите, и лошата инфраструктура за нивно користење), па сѐ до големите загадувачи…
Социјална правда
Иако последните години се направени позитивни промени на оваа тема, сметам дека едноставно не смееме да замолчиме мораме да останеме гласни. Но, за проблемите обично зборуваат луѓето што директно се соочиле со неправда. Луѓето што не се соочуваат со социјални проблеми се тие што молчат, независно што мислат и сакаат работите да се сменат на подобро. Тоа е себично. Не мора проблемот да е личен за да се реагира, ако денеска не е твој, утре тоа може да се смени, а како општествен проблем нема да исчезне. Потребен е голем исчекор напред, и многу гласни граѓани за да се влијае врз политичките агенди, за да се случат значителни промени.
Ако ги земеме работничките права, мора да го снема опортунизмот што го има кај синдикатите и институциите. Сѐ додека шефот е дел од синдикатот, а уште полошо и ако е претседател на синдикатот, тешко дека ќе можат да се донесат еден куп мерки, да се покачи минималната плата, да се регулира работното време, обврските и слично. Ваквата поставеност во синдикатите и институциите им дава чувство на работниците дека нема кој да ги заштити нивните права. Кога индивидуалниот и партискиот опортунизам кога ќе се тргне од институциите чијашто улога е заштита на правата на работниците, права дури тогаш ќе може и овие мерки што се веќе донесени да прогресираат.
Голем број на граѓани коишто имаат недоволни примања, во најголем број случаи се поврзуваат со политичката партија и се надеваат на некаква поддршка дали е парична помош, работно место или друго што и да се нуди во моментот кога партијата доаѓа на власт. Како се менува власта, се менуваат и сите позиции во државни институции, едните ги бркаат другите, ги носат своите, и обратно. Така, станува логично дека можеме да зборуваме за терминот социјална неправда повеќе отколку за социјална правда, во ситуации како оваа. Наместо промените во политичките ситуации да се користат продуктивно, да бидат искористени за дијалог и соработка, упорно се враќаме назад кон истите застарени и непродуктивни практики. Затоа сме песимисти. Црно или бело. Многу богати, многу сиромашни. И за четири години пак обратно. Додека ние зборуваме за социјална правда, живееме во социјална неправда.
Текстот е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
This post is also available in: English