ЦИВИЛ Медиа разговараше со активистката за животна средина, Мерита Максути, за свесноста и пристапот на општеството и власта кон зелените вредности. Интервјуто е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
ЦИВИЛ Медиа: За зелените вредности се повеќе се зборува на Балканот, односно во државите на регионот, како и во нашата држава. Дали мислите дека зелените вредности се институцианално застапени. До каде е свесноста за овие вредности и во регионот и во Македонија, дали се постапува институционално по тоа, дали се работи на зелените вредности, и колку општеството и институциите се заземаат за зелените вредности ви нашата држава?
Максути: Веднаш на почетокот ќе одговорам дека мислам дека се застапени минимално, бидејќи луѓето кај нас се уште не го знаат како концепт, тие можеби делумно реагираат или делумно ги поседуваат вредностите но мислам дека сепак, институционалниот пристап кон ваквите вредности, би требало да се развие, посебно во свеста на индивидуалците, пред се. Ако сакаме општеството да биде здраво, и да ги култивира и да ги промовира овие вредности, многу е битно да бидат запознаени што всушност значат тие. Јас како активистка за животна средина и архитект, не би сакал да зборувам само во тие потесни аспекти на зеленото, или зелениот концепт, тоа е многу подлабоко, многу покомплексно. Се работи од самото однесување на луѓето, се работи за пристапот, се работи за нивото на едукација, за многу други аспекти кои се интерлинкувани, односно се комплементираат еден со друг. Мислам дека во регионот и во нашата држава всушност има одредени групи луѓе кои почнаа со тоа… со можеби помали акции, помали делувања на тој аспект, но како што кажав, многу е комплексно. Тоа не го подразбира само еколошкиот дел, тоа го подразбира алтруистичкиот дел, како луѓето се однесуваат кон луѓето, кон природата, и кон сите други работи. Така што овој пристап, од кога почнав повеќе да се информирам, гледам дека зелените вредности најмногу се присутни во зелените агенди на политичките партии. Што всушност значи и добро владеење, значи ненасилно однесување, љубов кон човекот и природата, така што сиот пристап, и тие вредности, како сет на вредности, подразбираат многу повеќе аспекти отколку што на прв поглед зеленото што не наведува дека тоа е само во делот на екологијата. Мислам дека е многу битно да се институционализира, самиот пристап и вредностите би можело да се култивираат доколку би почнале од најраната возраст, односно од градинка. Самата свесност, еве на пример како се комуницираат работите, на пример кога ќе кажете како се случуваат климатските примери, кога ќе кажете дека температурата ќе се покачи за два степени во следните дваесет години, тоа убаво да се искомуницира кај луѓето, со цел да се подигне свеста. Тоа значи дека доколку вие кажете дека ќе се покачи за два степени температурата, некои луѓе ќе кажат – супер, ќе биде потопло! Но, кога ќе им кажете дека тоа ќе предизвика елементарни непогоди, дека тоа ќе предизвикува пораст на нивото на океаните и морињата, и можеби и миграции на одредени групи луѓе, односно одредени географии, мислам дека малку поинаку ќе ги сфатат работите. Така што овој пристап, е пред се мое лично мислење, е дека треба да се одработи на индивидуално ниво. Секој од нас треба да е свесен дека со својот личен став и пристап придонесува кон општествената благосостојба, и мислам дека за да ја заштитиме природата во аспектот на зелените вредности, ќе треба многу повеќе да поработиме на нас самите и на нашата свесност.
ЦИВИЛ Медиа: Знаеме како досега се справуваше власта со зелените вредности, односно со загадувањето и сите останати проблеми што се последица од несоодветното однесување, и сега со формирањето на новата влада имавме декларација дека новата власт ќе занимава многу сериозно со зелените вредности. Дали вие имате порака до новата власт што се однесува до ова?
Максути: Да, апсолутно. Мислам дека секоја влада пред да ја преземе власта и да почне со работа, ветуваат многу. Сметам дека нашите партии не се на ниво на свесноста што тоа значи зелена вредност, односно зелени вредности. Тоа пред се подразбира и добро владеење, со самата корупција го имаме другиот ефект, а тоа е лошото менаџирање со ресурси. Имате ситуации во кои ние сме сведоци на аерозагадувањето, на уништување на биодиверзитетот, на многу работи кои се прават, не се прават од биосферичен аспект, односно, да се има свесност кон природата. Сепак мислам дека владата би требало да поработи малку повеќе на зелената економија, и да поработи на аспекти кои се сериозни бидејќи веќе ги гледаме последиците, а допрва ќе ги гледаме уште повеќе. Така што владата треба сериозно да поработи на пристапот, како ќе ги промовира тие вредности, и како ќе ги освестат луѓето дека тоа е битен аспект.
Дијана Тахири
монтажа и фотографии: Билјана Јордановска