пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Колку јас што сум запознаен, Универзална сала е времен објект, изграден од хуманитарна помош по катастрофалниот земјотрес во Скопје, 1963 година. Импресивен е бројот на земји кои учествувале во изградбата на овој објект: Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразилија, Гвинеја, Иран, Ирак, Индонезија, Израел, Јордан, Јемен, Јапонија, Камбоџа, Куба, Канада, Кипар, Либан, Либерија, Луксембург, Мали, Монголија, Мароко, Монако, Нигерија, Нов Зеланд, Пакистан, Судан, Сенегал, Сирија, Турција, Тунис, Уругвај, Цејлон, Чиле, како и странските туристи што на денот на катастрофата се најдоа во Југославија. Тоа го откриваме од таблата поставена на влезот во салата.
Од веб страницата „Македонска архитектура“ дознаваме и дека „проектот за објектот е донација од Бугарија, реинтерпретација и модификација на циркусот во Софија, кој изгоре во 1980та година, што ја прави во моментот единствена градба без реално присуство за панданот“.
Жител(к)ите на Скопје се сеќаваат дека сите градоначалници нешто чепкале околу Универзална сала. Сите градски управи правеле разни планови, размислувале што да му прават на објектот, на просторот наоколу, додека администрацијата на локалната самоуправа издавала маркици за градба на згради без паркинг, без соодветни инфраструктурни решенија. Луѓето во тоа маало пешачат по повеќе од 200 метри за да го одложат комуналниот смет во контејнерите кои најчесто се преполни. Безбедноста не е на високо ниво, а околните локали често се прегласни до после полноќ.
Не само плановите, конкурсите, комуникациите… туку и работното време и административците чинат пари, огромни пари. Ако имало проблем со Универзална сала, требало да се реши одамна. Ако ништо друго, тогаш барем поради моралната обврска кон донаторите на овој вреден скопски објект.
Администрацијата на Шилегов излезе со решение за уривање на Универзална сала и изградба на отворена летна сцена со парк. Уште зеленило – да, никогаш доста од зеленило… Но, освен многу други, остана отворено и прашањето, како мисли Шилегов да живеат луѓето во близина на отворена сцена во град во кој луѓето не знаат ни тивко да зборуваат за да не им пречат на другите, а повеќето тон мајстори го знаат значењето само на зборот максимум, не знам.
Сепак, за поздравување е решението конечно да се направи нешто со Универзална сала. Нека е и лош првиот предлог, важна е решителност во комбинација со стручните и јавните дебати. И доколку градската управа создаде можности за граѓанско учество во процесот на донесување одлуки и да постапува според законите и зелените стандарди. Сè, само не ова тажно распаѓање…
„Да се разбереме, летна сцена е малку смешен проект, ако воопшто може да се нарече така“ – ми вели една архитектка – „знам дека сакаш да го пофалиш Шилегов за решителноста, но исто толку решителен изгледаше и Коце Трајанов, па дури и решението со јајцето го донесе и ништо не излезе од тоа, нема место за пофалба тука“.
Цврсто сум убеден дека треба да се задржи оваа скопска знаменитост, а не да се урива. Колку и да чини, поевтино е од секое друго решение, а уште поевтино е од тоа да не се направи ништо како што е случајот со изминатите 50 и кусур години откако е изградена салата.
Исклучително важно е да не ја заглавиме Универзална сала во нашите ужасно зајадливи препирки на социјалните мрежи. Орданоски неодамна предложи да се направи референдум, некој друг предложи да се прашаат прво жителите на околните блокови и улици (браво). Тоа се веќе добри предлози и упатуваат на тоа како навистина (треба да) функционира демократијата.
Ги проверив моите размислувања со истата архитектка. „Според мене“ – ми вели таа – „прво, одамна требаше да се направи студија за состојбата во која се наоѓа Универзална. Секој што тврди дека му е важна историјата и значењето на салата, требаше прво со тоа да се зафати. Ни требаат бројки и заклучоци од професионалци и од стручната јавност, па дури потоа може некоја граѓанска нестручна јавност да го каже своето мислење и тоа да има тежина. Без такви податоци, не знам ни јас што можам да ти кажам. Едно е јасно, поголем капацитет на таа локација не е можен. Ако на Скопје му треба, а нели не знаеме, нема податоци, поголема концертна сала, таа сигурно не треба да се бара на таа локација“. И ми затвори уста. Сепак, ќе ја „накривам шапката“ и ќе завршам поинаку…
Секој ден поминувам покрај мојата сосетка, Универзалната сала. Не знам дали јас ѝ се допаѓам, ама таа мене сигурно ми се допаѓа. Сакам да ја гледам, иако ми е нешто запуштена последниве неколку десетици години. Сакам од моите пари да ѝ се купи нова облека, а кога ќе купам карта за концерт во декември, да не морам после да одам во аптека по антибиотици. И да ѝ се купи таква облека што кога во нејзината внатрешност се случува уметност, да не им влегува во домовите на оние што не купиле карта.