Од идната недела Северна Македонија треба да има нова Влада. На денешната собраниска седница, закажана во 11 часот, пратениците ќе имаат можност да дискутираат за предлог -програмата. До утре на полноќ се очекува гласање со што се очекува да биде избрана новата Влада на мандатарот Зоран Заев.
Дел од приоритетите на новата Влада, како што соопшти мандатарот се, трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард, вложување во јавното здравство, намалување на стапката на сиромаштијата под 16 проценти со посебен акцент на детската сиромаштија, воведување на комунална полиција под ингеренции на локалната власт…
Социјална политика
Во програмата на Владата стои дека нејзина цел е искоренување на детската сиромаштија и да се постигне 60 отсто опфат на децата од 3 до 6 години во предучилишна грижа и воспитување до крајот на 2024 година. Владата ќе ги анализира можностите за воведување на задолжително предучилишно образование, а за сите деца од семејства со ниски приходи ќе обезбеди бесплатно згрижување.
Во програмата стои и дека новата повисока минимална пензија ќе изнесува најмалку 10 700 денари за сите, а ќе се создаде можност за докуп на стаж со цел стекнување на право на пензија. Во програмата стои дека ќе се овозможи флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум пет години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија.
Заштита на животната средина
Владата во својата програма наведува неколку приоритети за заштита на животнаа средина. До 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење. До крајот на 2020 се обврзува да воведе постојана 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати. Ќе ги заостри казните само во областа на заштита на животната средина поради лошото искуство од неажурност на институциите и бирократско водење на постапките.
За оние кои незаконски ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето поради профит, Владата најавува и кривична одговорност.
Првите две години на мандатот ќе бидат посветени на планско, но интензивно зазеленување на државата, а особено најзагадените градови. Во 2020 Владата најавува дека ќе го донесе Националниот план за превенција на отпад како национална цел и политика за создавање, намалување, повторна употреба и рециклирање на отпадот (2020-2026), стои во програмата.