Во пресрет на денешните протести против поскапувањето на струјата во Тетово, Скопје, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга со почеток во 18 часот, а во Куманово во 14 часот, вчеравечер беа опожарени два автомобили на ЕВН.
„Околу полноќ голем број граѓани се јавија да пријават дека има запалени возила. Интервениравме на запалено возило на улица „Иво Рибар Лола“ и во станбениот комплекс Блок 70. По кратка интервенција двата пожари се локализирани и изгаснати, изјави Ука Алити“, командантот на Тетовската терирторијална противпожарна единица. Увид на местата на опожарените возила извршила и тетовската полиција.
Арианит Џафери од Еко Герила веднаш по случката ги повика граѓаните на одговорност и смиреност.
„Кој и да ги запалил автомобилите на компанијата ЕВН, не помага во решавањето на проблемите што ги изнесовме на протестите… Дадовме рок од 10 работни денови, и не е својствено на нашата култура и традиција да си го погазиме зборот. Најавивме дека вакво нешто е можно да се случи и бевме игнорирани од нив ( властите). Ги повикувам граѓаните да се воздржат од насилни дејствија, и попладне во петок масовно да ни се приклучат на протестниот марш… Претпазливо, умно, со причина… Да му дадеме шанса на мирот.“, напиша Џафери на својот Фејсбук профил.
Б. Ј.