Зелениот караван на ЦИВИЛ вчера одржа работилница „Зелените доаѓаат“ во општина Гостивар. На работилницата учествуваа градоначалникот на општина Гостивар, којшто се обрати на почетокот од работилницата, членови на општинскиот совет, членови на невладината организавија од Гостивар ГВеко и граѓани и граѓанки од општината. Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала го промовираше проектот „Зелените доаѓаат“ пред учесниците на работилницата, и објасни што всушност претставуваат зелените вредности и аспектите кои ги опфаќаат.
– Добар ден на сите! Јас сум посебно почестен од гостопримството на Гостивар како општина, која е наша неодминлива дестинација на сите наши проектни мапи, тоа се подразбира… Гостивар е пример за многу позитивни нешта, исто така е општина со голем број предизвици кои несомнено се дел од македонското секојдневие. Денеска сме тука да промовираме зелени вредности, социјална правда и антинационализам. Тоа се три изрази или три категории, три области кои ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија –регионална канцеларија Сараево, ја работат веќе пет или шест години.
Тоа што сакаме да го промовираме во јавноста, и конечно и со овој зелен караван со кој почнавме во Скопје а втора дестинација е Гостивар, е тоа дека зелените вредности не подразбираат грижа за комунална чистотија…Или, не го подразбираат само тоа. Грижата за комунална чистотија подразбира една поинаква констелација и контекстуализација. Грижата за зелените вредности подразбира пред се, и над се – грижа за човековите права и слободи, грижа за човековото достоинство. Бидејќи јас би сакал сега тука, од овие дваесетина луѓе што се присутни, да прашам, нека крене рака некој што видел сиромашно семејство со соларен панел на покривот на нивната куќа… Ако не се лажам, не гледам крената рака. Сиромашно семејство не може да стави соларен панел врз покривот на својата куќа, затоа што и покривот може да им падне! А често и им прокиснува. Соларниот панел чини некои пари, кои по некое време се отплаќаат, меѓутоа, едно сиромашно семејство не може да го направи тоа затоа што е сиромашно, затоа што тоа е голема инвестиција за просекот од семејствата во нашата земја.
Дали во една општина, во којашто секојдневно има тепачки, на етничка основа, каде што имате промоција на омразата и поделбите, по етничка или верска основа, дали можете да очекувате таа општина да биде функционална, да има чисти улици, да се грижи општината за чист воздух, за зеленило, за добро образование на децата, за добро здравство? Дали сте виделе некоја општина каде што младите секојдневно се тепаат, по автобуси, по фудбалски стадиони или пак на улица, или пак по социјалните мрежи, а потоа да ја видите истата таа општина да просперира…финансиски, здравствено, социјално, да биде чиста и здрава за живеење, пожелна за живеење? Дали може некој да ми посочи некоја таква општина? Во светот, не мора во Северна Македонија…
Јас мислам дека направив повеќе од јасна алузија, повеќе од јасна споредба. Едно општество каде нема социјална правда, каде што луѓето се сиромашни, каде што месецот го крпат крај со крај, во едно општество кое што не се грижи за квалитетно образование за новите генерации, и во едно општество во коешто владее говорот на омразата кај медиумите и на социјалните мрежи, каде што владее насилство кое често завршува и трагично меѓу младите, заради тоа што се поделени по етничка или верска основа, во тоа општество нема грижа ниту за животната средина. Тоа е само една обична фраза. Заради тоа, ЦИВИЛ веќе со години наназад, се залага тие работи да се гледаат во единство. Зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот се трите поставки на тоа што го правиме во овој проект, И заради тоа сакаме денеска и овде, во Гостивар, да говориме на таа тема. И секогаш, и секаде, каде и да одиме, ние зборуваме за тоа, дека вие не можете да кажете дека се грижите за животната средина, а притоа да не водите сметка вашата заедница да не биде во хармонија со другите заедници, и да не се грижите, што е можно повеќе, да владее социјалната правда.
Кога велиме социјална правда, тоа не значи само социјалата, социјалните случаи да бидат згрижени, тоа подразбира и добро образование, добро здравство, култура…Квалитетот на живеењето да биде подобрен, и искачен на повисоки нивоа. Тоа подразбира социјална правда, и тоа е неодвоив дел од тоа што подразбираат зелените вредности за кои ние се залагаме.
Зелените вредности се компатибилни, односно се во заедништво со европските вредности, само што на уште едно ниво погоре ги искачуваат вредностите како што е социјалната правда, но и на еколошката правда, на грижата за животната средина, на одржливата енергија, одржливиот развој. Тоа е во суштина нашата идеја зошто сакаме да ги промовираме тие вредности, зошто сакаме да го работиме тоа и на локално ниво, со повеќе општини. Господинот Таравари и досега покажал слух и разбирање за овие ставови на ЦИВИЛ, и веруваме дека заеднички, со администрацијата на Гостивар, ќе успееме ова да го воспоставиме на ниво на редовно промовирање на зелените вредности токму во оваа смисла. Затоа што зелени вредности без антинационализам, односно зелени вредности од една страна и националистички испади од друга страна – не одат заедно во една општина. Едните треба да се исклучат, за да можеме да одиме напред, за да можеме да ја развиваме нашата земја, а со тоа и вашата општина овде.
обработка на текст: Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети