Градот Скопје за да го намали аерозагадувањето и годинава продолжи бесплатно да ги собира остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата, а четврта година по ред ја спроведува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193.
За да се заштити воздухот од загадување заинтересираните граѓани од целиот Скопскиот плански регион, може да се јават на телефонскиот број 071 395 395 и да договорат бесплатно подигање на органскиот отпад од нивните обработливи површини.
Со кампањата Градот Скопје сака на скопските земјоделци да им помогне да стекнат навика да не ги палат стрништата, да се зачуваат плодноста на почвата која ја обработуваат и да добиваат ѓубриво како субвенција за предадените остатоци од бербата.
Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, но и да се спречи ширењето на евентуални пожари кои неретко предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи.
Палењето огнови на отворено најчесто е последица на несовесноста на одредени граѓани, но сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да го намалиме загадувањето на воздухот во Скопје. Град Скопје преку сопствениот Инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, во борбата против огновите на отворено, но тимовите можат да работат ефикасно само доколку се реагира брзо на единствениот проверен начин, а тоа е со телефонскиот повик на 193.
Градот Скопје ги повикува граѓаните активно да се вклучат во борбата против загадувањето на воздухот и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во кол-центарот, на телефонскиот број 193.
Овие две кампањи, заедно со субвенциите за чистење на оџаците во домаќинствата се едни од најважните кампањи на Градот Скопје за подигање на свеста во борбата против аерозагадувањето.