Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, одговори на повикот на Зелен ЦИВИЛ за отворање на темата за зелените вредности, социјалната правда и антинационализам.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се зелените перспективи на вашата општина?
Mарин: Во изминатите три години од мојот мандат, заштитата на животната средина и зазеленувањето на општината беа во прв план и мој врвен приоритет. На тој план постигнавме многу.
Набавивме и засадивме 10 000 нови високостеблести дрвја на разни локации низ општината. Во таа насока објавивме и прашалник за прибирање предлог-локации за садење нови дрвја на јавни зелени површини, каде што граѓаните даваа свои предлози за садење дрвја.
Заедно со Град Скопје уредивме два запоставени простори во општината. Едниот е покрај Железничката станица, другиот покрај булеварот „Јане Сандански“, кои прераснаа во паркови со содржини за сите генерации.
Во изминатиот период изградивме нови паркови во Мичурин и Острово. Паркот во Мичурин со површина од 3. 573 квадратни метри, располага со детско игралиште, пешачки патеки со клупи, комбинирано спортско игралиште за рекреација, место за друштвени игри за најмладите. Наскоро ќе биде завршен и паркот „Бојмија“, кој претставува современ парк со детско игралиште, терен за мал фудбал, простор за рекреација со фитнес-справи на отворено, нова урбана опрема, клупи, канти за отпадоци, чешма за пиење вода и фонтана.
Стар Аеродром ќе добие два нови паркови, коишто ќе се протегаат покрај улиците „Методија Шаторов-Шарло“ и „Пандил Шишков“, а нов парк ќе се гради и меѓу булеварот „Трета македонска бригада“ и касарната „Гоце Делчев“.
Покрај овие поголеми паркови, уредивме и неколку помали, спроти поликлиниката „Јане Сандански“, во Реонски центар, на булевар „Србија“, како и нова зелена површина на бул. „Трета македонска бригада“ спроти Американ колеџ.
ЦИВИЛ Медиа: Кога говориме за зелените вредности, познато е дека тие не се однесуваат само на заштитата на животната средина која, пак, често се меша со поимите поврзани со комуналната хигиена. Зелените вредности подразбираат почитување на човековото достоинство, што подразбира и социјална правда и антинационализам, стратегии за одржлив развој, што подразбира напуштање на принципите на либералниот капитализам… Колку, според Вашите анализи, знаат политичарите во нашата земја?
Марин: За среќа, во последниве години се посветува многу повеќе внимание на она што значи зелени вредности, во смисла на информираност, организираност на институциите и будност на граѓаните. Ние како локална самоуправа постојано работиме на промовирање на зелените вредности, во смисла на заштита на животната средина, почитување на човековите права, социјална правда, енергетска ефикасност и слично. Овие вредности се особено важни во остварувањето на еколошките, социјалните и економските аспекти во општеството. За да се постигне сето тоа, потребно е активно учество на сите, односно на институциите, граѓанските здруженија и самите граѓани.
Денес, како држава членка на НАТО и пред почеток на преговорите со ЕУ, мора да се приклучиме кон глобалните трендови и процеси.
ЦИВИЛ Медиа: Вашиот став за растечките политички и етнички мотивирани тензии во нашата земја? Кому одат во прилог, а кој губи?
Марин: Имајќи предвид дека речиси 10 години живеевме во поделено општество врз разни основи, видовме дека единствен губитник е општеството, односно граѓаните. Поделеноста и политичките кризи водат кон блокада на системот, го спречуваат економскиот развој, предизвикуваат сиромаштија и иселување на младите. Граѓаните треба да сфатат дека единствена иднина за нас е Европската Унија, која ќе ни донесе и подобар животен стандард, и појака економија, и поголема стабилност. Само со единствено општество за сите може да се постигне сето тоа.
ЦИВИЛ Медиа: Што треба да се направи во овој поглед?
Оваа политичка гарнитура покажа многу зрелост во тој поглед и јасно го трасира патот на државата кон европските вредности. Станавме членка на НАТО и се наоѓаме пред почеток на преговорите со Европската Унија. Тоа е огромен успех. Секогаш ќе има обиди од одредени политички структури за дестабилизација, но политиките на оваа власт е градење граѓанско општество, со почитување на социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики како посебност и суштина на нашето заедништво.
обработка на текст: Дехран Муратов
Зелен караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
This post is also available in: Albanian