Чистењето на коритото на Црн Дрим во Струга, што е во тек, е дел од мерките предвидени во регионалниот проект за интегрирано управување со поплавите и ризиците од поплави кој е финансиран од Фондот за адаптација, во кој се вклучени и Албанија и Црна Гора. Проектот се спроведува од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во сливот на реката Црн Дрим.
Вкупната должина на делот кој се чисти е 765 метри. Според направените анализи, проценетата количина на депониран нанос е приближно 14 000 метри кубни кои придонесуваат за намалување на капацитетот на протокот и можност за натамошно таложење што претставува голем ризик од поплавување на населените места. Со чистењето на коритото ќе се подобри пропусната моќ на коритото, ќе се зголеми капацитетот на собирањето на атмосферските води и со тоа ќе се намалат и ризиците од поплави. Завршувањето на активностите во оваа фаза се очекува кон крајот на октомври 2020 година.
Проектот се одвива во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, УХМР, Водостопанство на Македонија, Електростопанство на Македонија, Општина Струга, ХЕЦ Глобочица – Струга и повеќе невладини организации.
камера, монтажа и фотографија: Дехран Муратов