Меѓународниот ден на ненасилството се одбележува на 2 октомври, поклопувајќи се со роденденот на Махатма Ганди, лидер на индиското движење за независност и основоположник на филозофијата и стратегијата на ненасилство
Овој ден е воспоставен во 2007 година, според резолуцијата на Обединетите нации A/RES/61/271 како можност „да се прошири пораката за ненасилство, вклучително преку едукација и јакнење на јавната свест“, секогаш „имајќи предвид дека ненасилството, толеранцијата, целосното почитување на сите човекови права и основни слободи за сите, демократијата, развојот, меѓусебното разбирање и почитувањето на различностите се меѓусебно поврзани и меѓусебно ги зајакнуваат, ја реафирмираат универзалната важност на принципот на ненасилство и желбата да се обезбеди култура на мир, толеранција, разбирање и ненасилство“.
ЦИВИЛ од своето основање во 1999 година ги следи принципите на ненасилство и заложба за човекови права и слободи. Како организација што се залага за свет во кој сите луѓе живеат во мирно и демократско општество, се бори за надминување на култот кон оружјето и го промовира начелото на потполна слобода на изразување, на Меѓународниот ден на ненасилство им порачува на граѓанките и граѓаните заеднички да ја прошириме пораката за сè поголемата потреба од активно учество во креирање општество кое негува толеранција, меѓусебно разбирање и почитување, градејќи заедници врз принципите на мир и ненасилство во решавање на конфликтни ситуации.
„Филозофијата и практикувањето на ненасилството во политиката и во севкупниот живот во општеството, секако, подразбира мирно разрешување на конфликтите меѓу луѓето, заедниците и државите. Тоа значи превенција на било кој вид насилство, почнувајќи од физичкото, завршувајќи со вербалното.
Ја користам оваа прилика, на Меѓународниот ден на ненасилството, да ја истакнам констатацијата дека живееме во време кога црната пропаганда и говорот на омразата, посредно, а често и непосредно, ги загрозуваат безбедноста, физичкиот интегритет, здравјето, имотот и достоинството на луѓето.
Често се случува, нефизичкото насилство да нанесе подеднакви штети како и физичкото, па и оруженото насилство. На овој ден, треба да се потсетиме дека никако не смее да се занемари онлајн насилството кое е присутно и на социјалните мрежи и во дел од медиумите. Насилството во било кој облик мора да се отфрли и осуди, да се санкционира и да се прогони од животот на луѓето“, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на ненасилство.
Република Северна Македонија, како земја-членка на ОН е обврзана целосно да ја почитува оваа резолуција, вложувајќи најмногу во образованието, едукација и јакнење на јавната свест за негување вредности што се базираат на принципот на ненасилство.
„Ненасилството е најголема сила која е на располагање на човековиот род. Тоа е помоќно и од најмоќното оружје за уништување создадено од ингениозноста на човекот“, е позната максима на Ганди.
„Биди промената што сакаш да ја видиш во светот“, вели Ганди, и почнувајќи од самите себеси како индивудуи, но и како колектив – да градиме култура на мир, толеранција и ненасилство.
ЦИВИЛ