Конференцијата „Зелените доаѓаат 2020“ во организација на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, ќе се одржи во среда, на 21 октомври во хотел „Порта“ (Аеродром) со почеток во 12 часот.
Конференцијата има цел да ги промовира зелените вредности кои ги вклучуваат социјалната правда и антинационализмот како неделиви области на дејствување и креирање политики и практики.
Учеството на конференцијата е возможно единствено преку најава, со оглед на просторните ограничувања, соодветно на мерките за заштита од коронавирусот. Следење на конференцијата во живо ќе биде обезбедено преку видео линк на Фејсбук страницата ЗЕЛЕН ЦИВИЛ.
Оваа година, ЦИВИЛ на конференцијата поканува претставнички и претставници од релевантните владини ресори, сите градоначалници и претседатели на општинските совети, како и претставници на релевантните граѓански организации и иницијативи, политички партии, институции на национално и локално ниво, медиуми и сите заинтересирани граѓанки и граѓани.
На почетокот на конференцијата, тимот на ЦИВИЛ ќе направи презентација на проектот и постигнувањата во изминатиот период, како и на иницијативата за формирање на нова граѓанска платформа – „Зелените“.
Конференцијата ги опфаќа темите во областа на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, со посебен осврт на меѓусебната поврзаност и неделивост на овие области.
На конференцијата ќе бидат презентирани и сите печатени материјали и изданија на ЦИВИЛ во изминатиот период, поврзани со проектите што се спроведуваат во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.
„Суштински важно е да се разбере дека кога зборуваме за зелените вредности, тоа не подразбира само заштита на животната средина, туку и заштита на човековите права и слободи, социјална и еколошка правда, економска и еколошка благосостојба, еднаквост и антидискриминација. Зелените доаѓаат насекаде во светот. Северна Македонија мора да се приклучи кон прогресивните трендови и процеси“ – е повеќе пати промовираниот став на ЦИВИЛ.
Организацијата, во својата структура обединува повеќе организациски единици, меѓу кои и Зелен ЦИВИЛ, формирана во 2009 година. ЦИВИЛ постои од 1999 година. Во својот статут и програма, организацијата ги вградува Универзалната декларација за човековите права, европските и зелените вредности и ги практикува во сите свои активности и проекти.
ЦИВИЛ Тим за комуникации