Топилницата за олово и цинк „Злетово“ која на граѓаните бувално преку ноќ им го загади чистиот воздух, вода и почва, а како последица на тоа им го наруши здравјето го претвори Велес во тмурно место за живеење.
Како што растеше револтот кај граѓаните на Велес така се будеше и нивната свест дека мора нешто да преземат. Од поедини групи на граѓани до официјално регистрирани еколошко друштва, еколошки групации и движења, во Велес се формираше Зелена револуција. Но, патот на првите еколошки движења посебно на ЕД „Вила Зора“ кое беше прво формирано во Велес и земјава беше трновит и тежок.
Секоја битка е тешка, но ништо не е тешко ако треба да се постигне целта. Зелените движења на Велес заедно со народот и локалната власт извојуваат една голема еколошка битка – засекогаш се затвори најголемиот загадувач и се спречи одново да биде рестартиран.
ЕД „Вила Зора“, еден од главните иницијатори за создавање на Движење на екологистите на Македонија- ДЕМ
Целокупната состојба во која се наоѓаше Велес во таа сега далечна 1988 година, имаше потреба да се појави еколошко движење. Но не започна организирано туку сосема случајно, вели Пандорка Никушева иницијатор и основач на ЕД „Вила Зора“
Таа се потсетува дека во тие години во сите училишта во месец април имаше Денови на ученичкото самоуправување,во кое учениците беа професори и обратно. Според неа тоа се покажало како непрактично,неодржливо и една година кога дошле да се реализираат тие Денови, таа и колегите размислувале како да ги одбележат,а да не биде класично.
„Договарајќи се така со еден постар колега професорот Душан Џаџов разговараме што би било да направиме и со учениците да излеземе на улица. Бидејќи во тоа време Велес имаше големи проблеми со водоснабдувањето и со водата за пиење. И така ние го прашавме директорот на Гимназијата каде предававме дали овие денови можеме да ги организираме со дефиле со учениците и да се заокружи со мирен протестен собир, а со кој ќе покажеме дека на Велес му е потребна здрава и чиста вода за пиење. Директорот ни дозволи, а колегата ми рече јас како помлад колега тоа да го организирам.Потоа бев на разговор во сите основни и средни училишта во градот и сите се сложија тоа да го организираме и дека на учениците ќе им биде поинтересно,а ќе направиме и нешто за градот да се подобри водоснабдувањето. Го направивме дефилето со протестен собир на С’рмаале каде јас им се обратив на присутните.Јас и ден денес не можа да го опишам тоа чувство во мене кога видов како од сите страни на градот се слева река на ученици со транспаренти и свирчиња,некои и со маски на лицето. Протестот беше најавуван како „Бараме вода за пиење“. Мене најмногу ме изненади кога дојдовме на плоштадот „С’рмаале беше полн со луѓе и вриеше како мравјалник. По проценка на медиумите кои беа дојдени 2,500 до 3 илјади луѓе од цела Македонија, бидејќи тоа беше прво нешто такво што се случуваше во земјата“, се потсетува Никушева.
Додава дека било тешко да се организира таа манифестација бидејќи имало скепса кај надлежните тоа да не излезе од контрола и мирниот протест да премине против државата.
Воедно се потсетува дека кога барала стручно лице да излезе на протестот и да појасни каква е водата во Велес,ниеден од нив не сакал а и рекле, ти сакаш со глава ѕид да рушиш, а ако ти тргне колата низ брдо не знаеме каде ќе стасаш.
„На крајот ми остана мене како организатор да се качам на говорницата на бината и да кажам каква е состојбата со водата и тука се надоврза и загадувањето бидејќи во 1988 година, не беше тајна дека има загадување од Топилницата.Тогаш преку присутните новинари за првпат се јавивме во јавноста ,а и Радио Скопје како државна медиумска куќа информира за и сите прашуваа кој тоа го организира“, се потсетува Никушева.
На 19 мај 1990, ЕД „Вила Зора“ во соработка со ЕД „Опстанок“ од Скопје и „Молика “ од Битола во големата сала на Општина Велес направи основачко собрание на Движењето на екологистите на Македонија – ДЕМ, на кое во годините потоа му се приклучуваа се’ повеќе еколошки друштва од земјава. Во 1993 година ДЕМ беше примен во најпознатите европски и светски еколошки асоцијации. Меѓу кои и на „Пријатели на земјата“,во која членуваат над 100 земји од цел свет.како и членка на IUCN невладина организација на светско ново за заштита на биодиверзитет и многу други.
„Така почнавме со ЕД „Вила Зора“ и како ние се развивавме како еколошко друштво така се развиваше и загадувањето.Поголемо ЕД „Вила Зора“ поголемо загадување. Тоа предизвика многу големи проблеми во градот и нашите сограѓани се’ повеќе и повеќе почнаа да не подржуваат. Почнавме да се зголемуваме со членство. Меѓутоа јас и до ден денес сум најсреќна што моите ученици кои беа првите членови на ЕД „Вила Зора“ и до ден денес останаа активни на полето на заштитата на животната средина. Таму каде што јас престанав како еколошки лидер на невладина организација и кога отидов на друга еколошка државна функција јас еколошките проблеми на Велес никогаш не ги заборавив“, потенцира Никушева.
Таа се посетува дека по првиот успешен миинг потоа се ределе неколку неуспешни митинзи со само неколку граѓани.Таа смета дека тоа било причина дека граѓаните најверојатно на почетокот се плашеле да им се приклучат.
„Дали имаше многу вработени од Топилница и ХИВ па се плашеа да ни се приклучат и нашите почетни митинзи беа катастрофални. Инаку како еколошко друштво кога одевме по улица сите сограѓани ни викаа браво,но кога ќе организиравме некој настан имаше минимално присутни граѓани, а останатите како да беа заспани“, оценува Никушева. Таа како споредба вели дека сега такво нешто после 30 години се случува во Скопје на протестите на мал број на екологисти, но изостанува масата од народ да го покрене проблемот со загадувањето и да се справат со него.
„Ние како ЕД „Вила Зора“ бевме упорни, знаевме што се случува и знаевме да се избориме.Меѓутоа како се’ повеќе и повеќе се чувствуваше загадувањето во однос на здравјето на луѓето така и се’ повеќе и повеќе се развиваше свеста кај граѓаните на Велес“, оценува Никушева.
Таа вели дека можеби тие неколку луѓе во ЕД „Вила Зора“ уште тогаш биле пред времето и можеби требало да помине време за да се сфати едно такво масовно еколошко друштво.
„Во 1990 година се појави Движењето на екологистите на Македонија ДЕМ,тоа на почетокот имаше десетина невладини организации,еколошки друштва за кои ние меѓусебе не знаевме. Така беше се’ додека не се здруживме во ДЕМ ,па оттогаш и на нашите протести почнавме да добиваме се’ поголема подршка од разни еколошки друштва во земјава, а кои преку ДЕМ беа носени со автобуси во Велес“, се присетува Пандорка.
Ненад Коциќ поранешен претседател на ЕД „Вила Зора“информира дека тие тогаш немале доволно информации и многу лоши настани се случуваат поради загадувањето.
„Здравствениот картон на велешани беше загрижувачки како последица од работата на Топилницата која се повеќе им го нарушуваше здравјето.Затоа бевме одлучни во нашите напори овој проблем еден ден да биде решен“, потенцира Коциќ.
Тој појаснува дека нивните барања биле Топилницата да биде во Згрополци каде што беше ХИВ, Хемиската Индустрија Велес,или барем дислокација на оние погони што загадуваат да се дислоцираат во близина на ХИВ. Тоа вели дека тоа станало уште пореално кога Топилницата и ХИВ се обединија во една фирма.
„Од друга страна имавме работа со навистина голем технолошки економски гигант на кој што ние му сметавме, и државни институции кои на почетокот не ги регистрираа нашите барања како еколошко друштво.
„Не само што не нè регистрираа на почетокот беа против нас, несметаа за субверзивни елементи. Но, ние сепак бевме деца и тоа тешко го прифаќавме“, се потсетува Коциќ кој на ЕД „Вила Зора“ пристапил како седмооделенец.
Еколошка Групација „Грин Пауер“
Игор Смилев еден од основачите и претседател на Eколошката групација „Грин Пауер“ или „Зелената сила“ информира дека нивната приказна е класика – од прогласени еко-терористи успеале да дојдат до највисоко општинско признание 9 Ноемвриска награда. Воедно тој успеал да дојде до уважен амбасадор на животната средина за западен Балкан.
„Се појавивме во 2001 година како директен одговор на дрското, арогантно и безобразно однесување на директорите на тогашната топилница. Директна причина за нашето формирање и активизам беше дебатата на локалната ТВ на тема “Загадување од топилницата – ДА или НЕ”. Во еден момент се јави жена која не можела да има деца, а после неа се јави и работник кој на најбезобразен начин ги повика сите жени што не можат да имаат деца да дојдат во топилницата и мажите оттаму да им направат“, се присетува Смилев.
„Пред да се регистрираме во формално здружение на граѓани, две години (2001 и 2002) работевме како еко-герила. Откако двајца бевме приведени во полиција, решивме да ја регистрираме невладината и го формиравме Green Power. Борбата против загадувањето ја продолживме институционално. Во 2003 топилницата се затвори поради финансиски причини, па целиот фокус ни беше во докажување на загадувањето и последиците што тоа ги остави во Велес“, појаснува Смилев.
Додава дека докажале дека во длабочина од 60 см сета земја во радиус од 15 км е екстремно и безнадежно загадена со најтешките токсични метали.
„Направивме документарен филм – Велес Капут, формиравме и Зелена коалиција составена од 7 невладини организации и заедно со градоначалникот. После три години, поради високата цена на обоените метали на светската берза, група матни фирми и моќници почнаа постапка за нејзино рестартирање. После низа судски процеси со кои се утврдуваше кој е сопственик и после 8 неуспешни меѓународни тендери, во 2008 топилницата ја купија Метрудем, фирма – ќерка на претходните сопственици, значи си ја продадоа самите на себе. Фирмата беше наменски регистрирана во Скопје само за да ја купи топилницата и има сомнителен капитал“, вели Смилев.
„Јавноста почна да гледа со симпатии на нас, но од друга страна, мене ми ја запалија вратата од станот во центарот на Велес среде бел ден, а подоцна ни ги каменуваа заедничките канцеларии. Сепак, пред 3 години велешкиот суд осуди условно едно лице кое мене и на колегите ни се закануваше по живот преку интернет“, се присетува Игор.
Смилев додава дека откако го преживеале тоа, следел првиот поголем протест во 2008, во кој без поддршка од двете партии собрале околу 5000 луѓе на улица, за конечно во ноември 2011 да го направат најголемиот, антологиски протест во историјата на земјава, на кој излегоа неверојатни 20 000 луѓе. Последното нешто со кое се обиделе да ги замолчат е неуспешната приватна кривична тужба на директорот на „Метрудхем“ Тони Димитриоски против него со која барал 20 000 евра оштета и казна затвор за клевета, навреда, неовластено снимање и закана, Сепак, Тони Димитриоски на крај ја повлекол тужбата против него.
„Кога ние бевме млади, стравувавме од иднината, а сега иднината стравува од нас. Во секоја толпа треба да го најдеме човекот, да се бориме за него. Сите се жалат дека секојдневието им е темно и мрачно, но никој од нас не се обидел да излезе од сопствената сенка. Тоа е она што треба да го направиме“ ,потенцира Смилев.
Ниедна борба не е лесна и понекогаш човек ќе се запраша – дали вреди? За Велес поминуваа години, па и цели три децении, во кои, вели Смилев, луѓето изгубија многу, но не се откажаа.
„Денес, победата ја делат тие луѓе и самата природа. А таа победа не е само на хартија. Но битката за Велес и понатаму мора да продолжи“, истакна Смилев.
Друштво на родители за грижа за здраво поколение
Соња Гаврилова психолог во ПОУ „Маца Овчарова“ е основач на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение и негов поранешен претседател и сеуште член, за „Грин ЦИВИЛ“ се потсетува за тоа како во сега далечната 1998 година дошла до идејата за формирање на вакво здружение на Велес .
Појаснува дека сосема случајно била повикана на трибина што ја организирало ЕД „Вила Зора“ на тема Топилницата за олово и цинк –„Злетово“.
Тогаш експертот од Рударскиот институт, изнел фрапантни бројки со графикони за тоа колку олово, кадмиум, арсен, сулфур диоксид и разни други штетни супстанци, од оџаџите на Топилницата се испуштаат секојдневно во воздухот во градот.
„Слушав и слушав, а пред мене се создаваше сликата на град осуден да биде „црна дупка“-место за уништување на растителниот и животинскиот свет,а особено на здравјето на нашите најмили-децата.Тогаш во главата ми ѕвонеше алармот и си реков дека е крајно време ние како родители да му застанеме на патот на загадувачот-Топилницата за олово и цинк и да создадеме подобар и здрав живот во здрава животна средина за нашите деца-нашите поколенија“, се присетува Гаврилова.
Таа вели дека од тој ден се изменил и нејзиниот живот.Соочена со сознанието за еколошката катастрофа и нејзиното влијание врз здравјето на нејзините,,но и на другите велешки деца,ја започнала својата тешка мисионерска цел.Таа била за докажување и обелоденување на здравствените еко последици во Велес,но и за лекување на веќе болните деца како последица од загадувањето.
Соња оценува дека во таа 1998 година еколошката свест кај поголем дел од граѓаните на Велес била на многу ниско ниво и поголемиот дел од нив биле незаинтересирани да променат нешто на тој план.
„Сепак не се откажував од намерите,особено кога морав да чекам во преполнетите детски амбуланти.Погледот на невините детски лица,бледи од болката и исцрпени од плачот поради стравот од боцкањето,само ја потврдуваа мојата одлучност дека нешто мора да се превземе!Затоа што здравјето на моите деца ми беше поважно од се’.Тоа ми беше и моралната сила за да продолжам.Успеав да добијам поддршка од родители чии деца боледуваа од хронични белодробни и срцеви заболувања,од вродени аномалии на кои им беа потребни финансиски средства за хирушки интервенции.Во допопнување на потребните 11 родители се заинтересираа и ни се приклучија неколку колешки и социјални работници од Центарот за социјална работа од Велес“, се присетува Гаврилова.
Информира дека на 7 јуни 1998 година направиле Статут и го одржале Основачкото собрание и здружението го именувале како Друштво на родители за грижа за здраво поколение.
„Ја поставивме нашата основна мисија –грижа за здравјето на младото поколение на физички и ментален план,кое е нарушено од континуираното загадување на животната средина во Велес“, истакна Гаврилова.
Таа се потсети дека пред нив биле многу детски судбини,секоја автентична и посебна на свој начин,но сите заедно биле единствени во болката и издржливоста.Да се победи болеста по секоја цена,да се издржи и да се навикне на страдањето,како дел од секојдневието и во таа битка да се излезе како победник.
„Додека нашите деца престојуваа во болниците,ги учеа лавиринтите по болничките ходници,создавајќи пријателство со другите болни деца и персоналот.Така полесно им минуваа деновите во честите битки со хроничната болест.Беа дисциплинирани и ја примаа редовно континуираната терапија,слушајќи ги докторите на секојдневните визити.Многумина од нив,иако мали го сфатија во себе како трајна вредност значењето на мотивот за живот и опстанок и почитувањето на најголемото богатство-здравјето“, потенцира Гаврилова.
Првите активности на нивното здружение ги започнале со неколку родители, полни со ентузијазам и верба дека ќе успеат да ја реализираат поставената мисија.
„Водени од нашето родителско чувство, се движевме низ лавиринтот од препреки, тешкотии и затворени врати. Интересен е податокот дека секогаш,кога мислевме дека е најтешко и нема излез,онаа природната интуиција ќе ни помогнеше да го одбереме вистинскиот правец за да продолжиме понатаму и да го најдеме излезот и решението“, изјави Гаврилова.
Таа се присетува дека покрај нив – родителите и децата спонтано од разговорите ја учеле еколошката проблематика и постепено им се приклучувале во активностите.Така и децата меѓу себе се запознавале и така се развивал и јакнел подмладокот на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение.Подоцна за нив организирале разни манифестации,акции за пошумување,проекти и работилници во кои тие биле носители и директни учесници.
Прв проект им бил „Екологијата низ творештвото на децата и младите“ кој бил реализиран во 2000 година со финансиска поддршка од канцеларијата на Регионалниот еколошки центар на Македонија, а со цел подигнување на јавната еколошка свест кај децата и младите.
Во 2001 година се отворил „Зелениот информативен центар на Велес“ и таа се вклучила во него како иницијатор и носител на неколку здравствени едукативни емисии со акцент на поврзаноста на загадената животна средина и нејзиното влијание врз одредени заболувања кај граѓаните,а емисиите се реализрале преку локалната ТВ „Канал 21“.Таа се присетува дека гостувала во нив со координаторот на „Зелениот информативен центар“ Мимоза Јовиќ и проф д-р Велимир Стојковски.
„Тогаш за прв пат се обелоденија податоците од научно-истражувачкиот труд на истакнатиот професор со кои се докажа директното влијание на загадената животна средина врз здравјето на 86 родилки од Велес.Кај нив беше анализирана папочната врвца,при што се констатирани три пати повеќе од дозволените концентрации на тешките метали,олово и кадмиум во споредба со родилките од Скопје и Матка.Наредниот ден медиумите во земјава ја објавија информацијата која стана топ тема, а телефонот постојано ѕвонеше“, се присетува Гаврилова.
„Првата медицинска фиока се отвори“, со резултатите кои беа јавно признаени, а за тоа што тие како родители го знаеле.
„Велешани како да се будеа од лош сон и почнаа да доаѓаат во здружението за помош на нивните деца кои имаа потреба од разни медицински интервенции во домашни или меѓународни клинички центри.Доаѓаа затоа што беа свесни дека нивните деца се болни поради загадувањето кое никој не го спречува! Пред родителските судбини и болното дете родено со дијагноза „Спина бифида“петнаесет месечното детенце чии родители бараа финансиска помош за хирушка интервенција и набавка на очна протеза во Москва,Русија, а пред две деца кои боледуваа од тумор на мозокот,едното на возраст од 11,а другото со карцином на лимфните жлезди на 15 години.Тогаш се „кршеше тврдото срце на институциите“,се зголемуваше нивната професионална одговорност,се засилуваа инспекциите во Топилница“, потенцира Гаврилова.
Таа потсетува дека во тој период почнала да функционира институцијата – Народен правобранител за бесплатно правно застапување на граѓаните во државата.
„Користејќи ја таа една и единствена отворена медицинска фиока со резултати кои ја потресоа македонската јавност, успеавме да собереме илјада потписи и да извршиме притисок на надлежните институции и Топилницата. Сето ова резултираше со засилен инспекциски надзор од МЖСПП и откако се утврдија високи и недозволени концентрации над максимално дозволените МДК на сулфур диоксид,олово и кадмиум,неколку погони на Топилницата беа затворени дваесетина дена“, вели Гаврилова.
Додава дека со тоа за првпат во Велес по 28 години, а откако во 1973 година беше отворена Топилницата, сите граѓани а најмногу децата биле почестени со воздушна рехабилитација и чист воздух во градот.
Гаврилова вели дека медиумите за сето време биле сојузници во отворањето на вратите на институциите, во обелоденување на фактите за страдањата на велешките деца поради нарушеното здравје и болестите што ги погодија па и најтешките како канцер.
„Ја будевме еколошката свест кај македонскиот народ,ја поттикнувавме филантропијата и хуманоста кај целокупната македонска јавност.Таа им беше толку потребна на родителите кои бараа финансиска поддршка за операции и надеж за живот кај своите болни деца“, потенцира Гаврилова.
Таа потоа ја продолжи борбата преку испитувања на примероци од косата на 70 велешките деца кај д-р Анатолиј Скаљниј во Центарот за биотичка медицина од Москва.Тој кај 30 од нив пронајде високи и недозволени концентрации на олово и кадмиум.Потоа и самиот д-р Скаљниј, а на нивно барање подржани од Институтот отворено општество Македонија во јули 2003 година дојде во Велес, и направи и консултации со родителите на болните деца и им препиша соодветна терапија.
„Проектот „За подобро здравје“ финансиски го поддржа Фондацијата Институт отворено општетство Македонија, со кој ја обезбедивме пропишаната терапија за дел од категоријата ризични деца пропишана од д-р Скаљниј, а која се состоеше од минерали и витамини неопходни за детскиот организам.Додека за останатите 14 деца финансиската поддршка дојде од Општина Велес,преку средства од хуманитарната донација на Лајонс клубот„Вардар“ од Скопје“, вели Гаврлиова.
Автентична изјава на една мајка со болно дете
Моето дете има дијагноза астма-алергиски ринитис. Пред примањето на оваа минерална терапија при секоја бактериска или вирусна инфекција добиваше опструкции и минуваше потешко отколку другите деца. И при секое мало закашлување морав да го носам на доктор,затоа што знаев дека нема да помине само од себе.Кога пробав еднаш да не го однесам,мислејќи дека ќе му помине без ништо да прима,тој доби бронхопневмонија.Со терапијава започнавме во јули 2003 година. Ја прими без проблеми и потешкотии. Немаше никакви негативни појави. Таа се состоеше од селен, цинк и хром. Имунитетот му е зголемен. Сега сум многу помирна и јас и тој. Не сме секој втор ден на доктор за проверка на неговите гради или за брис од грлото и носот. Успехот на терапијата беше видлив благодарение на д-р Скаљниј и на Здружението на родители за грижа за здраво поколение
Гаврилова вели дека оваа како и уште многу слични изјави од родителите, а пред се’ дека терапијата го подобрила здравјето кај нивните деца ја исполниле со чувство на задоволство и среќа.
Една од битките кои ја извојува Друштвото на родители за грижа за здраво поколение беше и тоа што девет години секое лето, а со финансиска поддршка од надлежните институции успеа за велешките деца болни од загадувањето да им обезбеди бесплатна климатска рехабилитација на чист планински воздух на Пелистер со сместување во Детското одмаралиште.
Во личната карта на ова велешко здружение е и нивното учество во Зелената коалиција и во големиот митинг од 9 ноември 2011, а кога сплотени сите во единствена Зелена сила преку Зелената револуција заедно со граѓаните на Велес и локалната власт рекоа гласно НЕ и не дозволија потворно да се рестартува најголемиот загадувач, Топилницата за олово и цинк.
Соња Гаврилова потенцира дека во овие 17 години откако во 2003 беше затворена Топилницата во многу е подообрен квалитетот на воздухот во градот и подобрено е и здравјето на велешките деца.
Но додава дека загадената почва и подземните води како последица од 30 годишното загадување од Топилницата се сеуште присутни и мора да се решаваат. Затоа нивната битка продолжува и ќе продолжи се’ до отстранување на „Црниот рид од згрура“ еколошки црна точка од градот, втора по големина жешка точка по скопски „Охис“, од вкупно десет во земјава.
Таа како и останатите велешки еколошки здруженија најавува дека сите заедно како и досега во Зелена сила на градот ќе ја продолжат започната борба, а со апел до надлежните државни институции, да се изнајдат финансиски средства па ако сами немаат и да се обрата за помош до претпристапните фондови на ЕУ. Неопходноста е да се изврши ремедијација – чистење на јавните површини од градот, а пред се’ на земјата во дворовите на градинките и училиштата ,но и загадената почва во околината на Велес каде што се произведува храна.
Антоанела Димитриевска