„Во моментов овие се важни прашања насекаде, ова што не опкружува и сакаме да го предложиме, значи живот за сите нас. Сведоци сме дека пандемијата и негрижата наша, во светски рамки од големи интереси, донесоа една сериозна и тешка ситуација во опстанокот на планетата“, истакна Ашмет Елезовски од Националниот Ромски центар од Куманово на конференцијата „Зелените доаѓаат 2020“ во организација на ЦИВИЛ.
„Често овие денови сме сведоци дека градовите се со енормна загаденост, поаѓајки од Скопје, сите градови, па дури и градови кои беа во минатите години ретко загадени или минимално, сега се загадени. Куманово се случува да биде по Скопје или Тетово, некогаш и на прво место по загаденост, не ни е јасно од каде, многу фабрики се затворени, оние кои беа загадувачи некогаш сега не постојат, сега навистина е големо прашање од каде е тоа“, истакна Елезовски.
Тој додаде дека повеќето градови низ државата се окупирани со бетонски згради и без зелени површини и дека луѓето се жалат дека немаат простор да уживаат во воздухот.
„Треба да се продолжи и треба да направиме и еден поголем притисок со светските поддржувачи за околината, луѓето кои имаат искуство. Во последните 5 години, работејќи во здравството, имаме зголемен процент на пневномија кај луѓето, астма, рак на дојка кај жените, а од друга страна при раѓањето се случува кај децата да имаат проблеми со дишење, кои се често принудени да користат лекови, а сега и со пандемијата имаме неконтролирање на лекови, без лекарска контрола, се наоѓаме во тешка и сериозна ситуација“, додава Елезовски.
„На нас ни треба една здрава средина и иднина, може ќе бидеме жртви на оваа ситуација, ако не ние, барем за нашите идни генерации да овозможиме подобар живот и подобри услови, ќе треба многу време за тоа, поради климатските промени и негрижата поради профитот. Да бидеме јаки и свесни што повеќе информираме и алармираме, бидејќи само ова оружје го имаме, информирањето и притисокот се најјакото оружје и да им помогнеме на вистинските експерти за тоа“, додаде Елезовски.