Биљана Јордановска од ЦИВИЛ на конференцијата „Зелените доаѓаат 2020“ се осврна на резултатите кои ги доби ЦИВИЛ од фокус групите кои ги организираше организацијата и резултатите од истите, на тема зелени вредности, социјална правда и антинационализам.
Првата фокус група за зелени вредности и социјална правда ги опфати категориите животна средина, урбанизам и одржлив развој, зелени вредности, социјална правда, поврзаност-единство на концепти. Резултатите од оваа фокус група покажа дека има недоволна едукација и свесност за зелените вредности во нашето општество, дека треба да има ослободување од стегите на партизираноста, солидарност, гласност, делување, учество во креирање на политиките,свесност за грижа и заштита на природата и животната средина, тргнувајќи од себе, па преку влијание на колективот.
Втората фокус група за национализам ги опфати категориите: манифестации, извори и влијание на национализмот, одговор и решенија-антинационализам, а како наоди од истата произлегоа: вклучување на сите засегнати страни (и оние што користат националистичка реткорика), влијание преку образование/едукација и информација за вистинските вредност и политичка волја и ослободување на државата од партиските стеги.
„Двете фокус групи покажаа дека темите зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, како и нивната поврзаност, зависат од повеќе фактори, пред сѐ од улогата на државата, односно една идилична слика што таа претставува, а што во реалноста значи и подразбира и како се доживува, па потоа од општеството во најширока смисла, до граѓанските организации и поединецот, како крајна или почетна иницијална точка. Резултатите од истражувањето покажуваат дека во областа на зелените вредности треба да се работи на едукација и промоција. Образованието треба да најде механизми кои успешно ќе делуваат на свеста кај учениците за негување и развивање во насока на зелените перспективи“, истакна Јордановска.
Јордановска додаде дека од аспект на социјалната правда потребно е институционално зајакнување во насока на имплементирање на законите и правните акти, но и гласност и сплотеност во делот на работничките права.
„Борбата против национализмот подразбира вклучување на сите засегнати страни и оние што се жртви, но и оние кои се служат со таквите наративи. Како што може да се заклучи од одговорите на учесниците, не е доволно само вклучување на институциите, државата, односно менување на реториката на политичките партии, туку менување и делување на свеста кај оние граѓанки и граѓани кои се дел од таа националистичка машинерија“, додаде Јордановска.