пишува: Јозеф Стиглиц
Критичарите на Зелениот Нов план прашуваат дали можеме да си го дозволиме. Но, не можеме да не си го дозволиме: нашата цивилизација е во прашање.
Поборниците на Зелениот Нов план велат дека постои голема итност за справување со климатската криза и го истакнуваат обемот и опсегот на тоа што е потребно за борба против истата. Тие се во право. Тие го користат терминот „Нов план“ за да предизвикаат ист таков масовен одговор како тој на Франклин Делано Рузвелт и владата на САД кон Големата депресија. А уште подобра аналогија би била мобилизацијата на земјата да војува во Втората светска војна.
Критичарите прашуваат, „Дали можеме да си го дозволиме?“ и се жалат дека поборниците на Зелениот Нов план ја попречуваат борбата за зачувување на планетата, за што сите поединци со правилно размислување треба да се согласат, со поконтроверзна агенда за општествена трансформација. И по двата основа, критичарите не се во право.
Да, можеме да си го дозволиме, со правилни фискални политики и колективна волја. Но, што е уште поважно, мора да си го дозволиме. Климатската криза е наша трета светска војна. Нашите животи и цивилизацијата како што ги знаеме се во прашање, исто како што биле во втората светска војна.
Кога САД беа нападнати за време на Втората светска војна, никој не праша „Дали можеме да си дозволиме да војуваме во војната?“. Се работеше за егзистенцијално прашање. Не можевме да си дозволиме да не се бориме против тоа. Истото се однесува и на климатската криза. Тука, веќе ги искусуваме директните трошоци од игнорирањето на прашањето – во последниве години земјата има изгубено скоро 2% од БДП за катастрофи поврзани со временските услови, меѓу кои поплави, урагани и шумски пожари. Цената по нашето здравје од болести поврзани со климатските услови се пресметуваат, но и таа ќе достигне десетици милијарди долари – да не го спомнуваме сé уште неизброениот број на изгубени животи. Ќе платиме за климатските катастрофи на еден или друг начин, така што има смисла да се потрошат пари сега за намалување на емисиите отколку да се чека и подоцна да платиме многу повеќе и за последиците – не само од временските неприлики туку и од зголемувањето на нивото на морињата. Ова е едно клише, но е вистина: грам превенција вреди килограм лек.
Војната против климатската криза, доколку правилно се спроведува, всушност би била добра за економијата – исто како што Втората светска војна ја постави сцената за златната економска ера на Америка, со најбрза стапка на раст во својата историја при заеднички просперитет. Зелениот Нов план би ја стимулирал побарувачката, осигурувајќи дека сите расположливи ресурси би се користеле; а транзицијата кон зелената економија веројатно би означила нов голем просперитет. Фокусот на Трамп на индустриите од минатото, како што е јагленот, го задавува многу поразумното преминување кон ветерна и сончева енергија. Далеку повеќе работни места би се создале во обновлива енергија отколку што би се изгубиле во јагленот.
Војната против климатската криза, доколку правилно се спроведува, всушност би била добра за економијата
Најголемиот предизвик ќе биде прибирање на ресурсите за Зелениот Нов План. И покрај ниската стапка на невработеност од „насловната страна“, САД имаат големи количини на недоволно искористени и неефикасно распределени ресурси. Односот на вработените лица со оние на работоспособна возраст во САД е сé уште низок, понизок отколку во нашето минато, понизок од многу други земји, а особено низок за жени и малцинства. Со добро дизајнирано семејно отсуство и политики за поддршка и поголема временска флексибилност на нашиот пазар на труд, би можеле да внесеме повеќе жени и повеќе граѓани над 65 години во работната сила. Поради нашето долго наследство на дискриминација, голем дел од нашите човечки ресурси не се користи толку ефикасно колку што би можело или би требало. Заедно со подобро образование и здравствени политики и поголема инвестиција во инфраструктурата и технологијата – вистински политика на страната на понудата – продуктивниот капацитет на економијата би можел да се зголеми, обезбедувајќи некои од ресурсите што ѝ се потребни на економијата за да се бори и прилагоди кон климатскиот распад.
Додека повеќето економисти се согласуваат дека сé уште има простор за одредена економска експанзија, дури и на краток рок – дополнителен аутпут, од кој дел би можел да се користи за борбата против климатската криза – останува контроверзноста околу тоа колку аутпутот би можел да се зголеми без да се соочиме со најмалку краткорочни тесни грла. Меѓутоа, речиси сигурно ќе треба да има прераспределба на ресурси во битката со оваа војна, исто како и во Втората светска војна, кога внесувањето на жените во работната сила го зголеми продуктивниот капацитет, но не беше доволно.
Некои промени ќе бидат лесни, на пример, укинување на десетици милијарди долари субвенции за фосилни горива и пренасочување на ресурси од производството на валканата енергија во производство на чиста енергија. Но, би можело да кажете дека Америка има среќа: имаме толку лошо дизајниран даночен систем кој е регресивен и има многубројни даночни дупки што би можело лесно да се соберат повеќе пари истовремено кога ќе ја зголемиме економската ефикасност. Оданочувањето на валканите индустрии, осигурувајќи дека капиталот плаќа барем иста висина на даночна стапка како оние кои работат и затворањето на даночните дупки би ѝ обезбедиле на владата трилиони долари во текот на наредните 10 години, средства кои би можело да се потрошат за борба против климатската криза. Понатаму, формирање на национална Зелена банка би обезбедило финансирање на приватниот сектор за климатскиот распад – за оние кои сакаат да направат големи инвестиции во своите домови за добра изолација која ќе им овозможи да ја водат својата битка против климатската криза, или бизниси кои сакаат да ги осовременат и прилагодат нивните фабрики и седишта кон зелена економија. Напорите за мобилизација во Втората светска војна го трансформираа нашето општество. Преминавме од земјоделска економија и во најголем дел рурално општество во мануфактурна економија и во најголем дел урбано општество. Привременото ослободување на жените со нивното влегување во работната сила за да може земјата да ги задоволи воените потреби имаше долгорочни ефекти. Тоа е амбицијата на поборниците, не нереална, за Зелениот Нов план.
Не постои апсолутно никаква причина за иновативната и зелена економија на 21 век да мора да ги следи економските и општествените модели на мануфактурната економија базирана на фосилно гориво од 20 век, исто како што немаше причина таа економија да мора да ги следи економските и општествените модели на земјоделските и руралните економии од претходните векови.
Гардијан, 4 јули 2019
Јозеф Е Стиглиц е универзитетски професор при Колумбија, добитник на Нобелова награда за економија во 2001 година, поранешен Претседател на Советот на економски советници, поранешен Главен економист на Светската банка и од неодамна автор на People, Power, and Profits: Progressive Capitalism for an Age of Discontent